Лице в Лице
вкусни букети

Интервју со македонската фудфлористка Андријана Облешевска: Крајниот “Wow” ефект е оној кој привлекува кога ќе ја доловам приказната која е замислена од клиентот (фото)

Интервју со македонската фудфлористка Андријана Облешевска:  Крајниот “Wow” ефект е оној кој привлекува кога ќе ја доловам приказната која е замислена од клиентот (фото)

Андријана Облешевска во креативниот свет е  многу оддамна,  таа е музичарка по душа но,  по занает фудфлористка. Во шарениот свет наречен „Евгенијално“ има талент да го разубабува и радува етерот. Во цвеќарскиот правец таа е неколку години, а букетите кои ги изработува се извонредни и уникатни.

Која е Андријана Облешевска. Како би се претставиле?

Здраво другари и фала ви на можноста да си помуабетиме.

Во моментов можам да се опишам како личност што постојано се запознава себеси и постојано се изненадува од себеси.

Иако сум згодна, но во по незгодната половина од 30тите, хаха, чувствувам дека сум во период на убаво зреење. А убавото зреење подразбира запознавање и прифаќање на сите мои аспекти. Јас сум еден микс од сите можни емоции во моментов, односно сум само битие со истите животни предизвици како и вас.

Како дојде до идејата за создавање/подготвување вкусни букети? Колку долго се занимаваш со фудфлористиката?

Во креативниот свет сум многу одамна и тоа е еден прекрасен свет каде не постои ниту една временска и просторна рамка и каде буквално имам дозвола да бидам јас. Во фудфлористиката пак како цвеќарски правец се пронајдов пред 4 години и еве сеуште функционираме одлично заедно во мојот мал и шарен свет наречен Евгенијално (https://www.facebook.com/evgenijalno) . А идејата дојде во вистинско време, тогаш кога и самата се охрабрив да влезам во нешто ново и предизвикувачко за мене. Изработив еден букет за моја многу блиска другарка гледајќи туторијал на Јутјуб од руските фудфлористки и беше толку успешно што добив поддршка од најблиските да продолжам да го разубавувам и радувам етерот.

Дали постои курс или некој вид на образование и на кој начин напредувате во техниките ?

За фудфлористиката е пред се важна љубовта кон природата и креацијата и така имате успешен рецепт односно успешен краен ефект. Јас сум самоука по струка, хаха, но секако дека постојат и онлајн обуки од кои може да научите за овој вид креација.

Напредокот во техниката некогаш зависи од мојата инспирација и посветеност, а некогаш и благодарение на идеите кои ги споделуваат овдешните и колегите од светот. Денеска можам да се пофалам дека создадов препознатлив стил на креирање со тоа што додадов свој печат на букетите. Дополнителен успех за мене е дека букетите се до толку уникатни што не се повторуваат и не наликуваат еден на друг.

Дали во Македонија има повеќе заинтересирани за начинот на изработка или повеќе има за да го купат и да подарат?

Кај нас најголемо интересирање има за подарување. Дефинитивно крајниот “Wow” ефект е оној кој привлекува. Многу се радувам што досега буквално ниеднаш не се случило овој вид на букети да разочараат. Но и покрај овој факт, јас и денеска имам трема за реакцијата на оној кој го прима букетот, таа возбуда за фидбекот дали сме се разбрале во раскажување на приказната. Клиентите се секогаш без исклучок воодушевени. И да, тоа се должи колку на самата креација, толку и на совршеноста на природата, па мојата благодарност оди на во три правци – Кон природата, кон себе и кон клиентите!

Дали си задоволна од секој букет како завршен производ или секогаш оставаш простор за додавање и докомплетирање?

Овој фудфлористичен свет има бескрајно многу можности за комбинирање, така што некогаш додавам и збогатувам, но во секој случај постојано ги истражувам опциите како би можеле клиентите да добијат дополнителна вредност. Убавината е во слободата која ја дозволува оваа работа, особено заради интимноста што ја носи персонализираниот пристап. Чувството да сте без притисок и со убава музика во позадина додека креирате и го вадите најдоброто од себе е бесценето.

Како еден букет треба да изгледа за да биде целосен?

Најголемиот успех за мене лично е ако ја доловам приказната која е замислена од страна на клиенот, дури и подобро од замислата.

Дали имаш конкуренити, комуницирате ли едни со други учите ли заеднички?

Да, имам конкуренти во моментов. Мојот став е дека конкуренцијата ја доживувам како инспирација за растење, а не како закана. И сметам дека многу важни лекции може да се научат од неа и затоа е важно да постои.

Од што најчесто се мотивирате за да изработите букет и колку време е потребно за неговата подготовка?

Лично ми е многу мило што клиентите стекнаа доверба во начинот на кој ги изработувам букетите и најчесто оставаат на мене и мојата инспирација. Секако претходно ја договараме големината, некој омилен плод ако преферираат, поводот и за мене најдраго од се е кога ќе споделат мала приказна за примачот пред да го направам.. А изработката и должината на времетраењето зависат од композицијата на букетот, па од половина до неколку часа може да трае процесот, без да го земеме предвид времето потребно за набавка на сите материјали.

Сподели интересен момент нечија реакција кога некој добил вкусен букет ?

Интересни се реакциите од типот, дали се јаде букетот, дали се природни овошјето и зеленчукот или се пластични, дали цвеќето е вештачко итн. Но најголемата енигма е како стојат плодовите, на што се закачени.  Реакциите во секој случај се максимално позитивни и не само за оние кои го нарачуваат туку и оние случајни минувачи кои нé застануваат и се воодушевуваат на убавината. Нека биде ова потсетник за тоа колку е значајна природата и колку треба да се грижиме за неа за што подолго да сме сведоци и да уживаме во нејзините богатства!

Фото: Андријана Облешевска

 

Останати вести од Лице в Лице