Лице в Лице

Калиопи ја резимира 2023 година во екслузивно интервју за Вистина: „Без оглед на тоа каква планина ми тежи на плешките, јас мирно ги затворам очите“

Калиопи ја резимира 2023 година во екслузивно интервју за Вистина: „Без оглед на тоа каква планина ми тежи на плешките, јас мирно ги затворам очите“

За нашата поп -пејачка Калиопи редовно се залепени епитетите дива, кралица, најдобра… што таа во неколку наврати кажала дека нема проблем да ги стави на лицитација. Сепак, ласкањето за тоа што е таа и она што го работи, сосема оправдано се надополнува. Неуморен професионалец, секогаш непосредна и отворена за своите фанови, без чувството дека таа е ѕвезда и е недостижна во денешниот естраден свет. Децениската кариера, бројните хитови и концерти ја прават она што е денес, а според обемот на се’ што направила во годината која ја испраќаме, ќе треба да одговори многу и да испишеме уште повеќе од ова и повторно да останаме недокажани. За крајот на 2023 година Калиопи во ексклузивно интервју за Вистина зборуваше за тоа како ја сублимира оваа 2023 година, се’ она со кое и беше исполнета приватно и професионално, како и тоа што следи во 2024 година.

Како се чувствува Калиопи пред крајот на годината?

-Невообичаено спокојна. И последниве денови до пречекот ги користам за убави и креативни моменти, додека за годинешниов дочек на Новата година си посакав мирна и тивка ноќ.

Празничниот дух успевате да си го донесете сами или за тоа мора да има синергија од целокупното опкружување?

-Секогаш за добро расположение мора да започнете од себе, а потоа секако продолжувате во духот на споделувањето. Опкружувањето е многу важно, но сметам дека горе-долу сите ние веќе однапред си го знаеме нашиот избор на луѓе.

Кој е Вашиот рецепт за постојана насмевка и позитивна енергија како личен печат, секако покрај моќниот вокал по што сте и препознатливи?

-Го гледам само она што сакам да го видам! Не дозволувам никој и ништо да ми го расипе моето гледиште на светот, бидејќи иако свесна во какво време живееме, мене очите и срцето ќе ми бидат водени од љубовта! И тоа сакам да го поделам со луѓето, а нема подобар начин од насмевката! Покрај мојот глас, луѓето ме препознаваат и по неа.

Години наназад редовно ја добивате и апсорбирате непресушната љубов од публиката, но дали Калиопи е емотивно исполената и сакана кога ќе се симне од сцена и ќе остане сама?

-Претпоставувам дека сите ние си живееме некаква наша “сцена”, без оглед на професиите. И сите ние го имаме моментот кога остануваме сами со себе, а јас тој момент го сметам за многу продуктивен. Потребен е пред сѐ да си ги средиме мислите и да си помуабетиме искрено со себе. Јас добивам огромно количество на љубов и под светлата на рефлекторите, но и кога тие ќе се угасат…

Вложувате многу во кариерата, музиката, публиката, а доказ дека задоволството постои е перманентноста од која немате отстапки години наназад. Каде се крие клучот на истрајноста, неуморноста, инспирацијата, посветеноста…?

-Нема поголем влог од доследноста до она во што си верувал од секогаш. Да се биде свој, е клучот, но секако и најскапиот дел. Тоа чини многу… Но на крајот од денот, без оглед на тоа каква планина ми тежи на плешките, јас мирно ги затворам очите, бидејќи знам, утрото ќе ме награди со нова сила за храброста и решителноста да бидам своја.

Апетитите на публката никогаш не се задоволени од Калиопи и нејзината музика, а тие воопшто не се мали со оглед дека регионот не е мал и Ве обожава. Постојано на пат, од хотел до холел, од сцена на сцена, Вие се давате, но од каде е Вашиот духовен извор за да се издржи и постигне тоа?

-Љубовта и вербата се мојот главен извор и сила за сѐ она што ме очекува на патот наречен живот. Затоа и ништо не ми е тешко. Во проблемот го гледам предизвикот, во искушениата си го тестирам трпението и така растам. А се додека публиката е погладна за мојата музика, мене ќе ме има…

Годинава одржавте многу концерти низ регионот, добивте многу аплаузи, враќање на бис, цвеќиња, разни подароци… Кои беа најдрагите моменти кога би ги споиле во едно?

-Завршното поклонување со мојот бенд, пред да ја напуштиме сцената… Не можам да ви го доловам тоа чувство преку збор, тоа мора да се доживее… Затоа до година и тука, кај нас ќе го поделиме тоа чувство, на концертите кои се во план во Македонија.

Колку општествените случувања се одразуваа на инспирацијата и кративноста, независно дали се позитивни или негативни?

-О, и тоа како се одразуваат. Моите песни не се само љубовни, тие опфаќаат и социјални теми, ангажирани песни, некогаш се чист коментар на одредени случувања. Уметноста е широк простор во кој се изговараат и отсликуваат најголемите вистини. Јас и Ромео сме токму затоа феноменален тандем, особено кога е во прашање точната мисла преточена во збор.

Ако се осврнете наназад низ годините од почетоците на Вашата кариера до денес, како би го оцениле развојот на македонската музика /естрада, кои беа најплодните години, а кои најсушните?

-Секое време земено и од социјален и културолошки аспект си носи извесни промени. За некој тие се позитивни, додека за друг се катастрофални. Токму од тој аспект не знам колку е паметно било што да кажам на таа тема, а да не бидам погрешно сфатена. Затоа мудро ќе молчам и ќе го користам правото своето мислење да го искажувам преку своите дела.

„Не сакам да снимам дуети, тоа не е мој стил“ беше подвлечена една Ваша изјава во медиумите. Зошто е тоа така и тоа веднаш откако излезе последениот и најнов дует со Жељко Самарџиќ кој патем поминува одлично?

-Изјава извадена од контекст. Секако, нелогично е да кажам такво нешто, а истовремено да дејствувам поинаку! Зборував за тоа дека немам многу дуети во мојата кариера, бидејќи дуетот е нешто што треба да се случи по чувство , а не по план. Песната можам да ја делам само со некој кој ги чувствува нештата, луѓето и животот на сличен начин како јас.

Од каде треба да почнат промените за повторно да заживее македонската поп музика. Да бидат повеќе посетени домашните концерти, настапи и да не се штеди да се одделат пари за карта за она што е наше, домашно?

-Промените почнуваат од самопочитта. Кога тоа ќе го освестиме, ќе започнат сите други општествени и институционални промени кои се потребни во секој сегмент на нашето живеење.

Што стои во приватната и професионална агенда на Калиопи за 2024 година?

-Многу убави и големи планови за кои уште од сега ги започнавме сите подготовки, со детална организација. Догодина повод големиот јубилеј 40 год од соработката со Ромео Грилл, се подготвува нов албум, како и низа концерти во Македонија и во регионот. Неизоставна е голема промоција на овие проекти и можам слободно да речам, со нетрпение ја чекам 2024 год, токму затоа што чувствувам дека со овој албум ќе отворам ново поглавје за најмалку следните десет години. А за понатаму, ќе видиме…

Ако Калиопи е Дедо Мраз и може една работа да им подари на луѓето во Македонија, што би било тоа?

-СРЕЌА

фото: Приватна архива/ Ѓорѓи Христовски/Мартин Шишковски

Останати вести од Лице в Лице