Љубов и Секс

Топ 5 причини зошто сте несреќни во љубовта

Топ 5 причини зошто сте несреќни во љубовта

Љубовта самата по себе, е најблагодарната и најблагородната емоција што воопшто постои на светот и кога таа не би постоела, веројатно и луѓето не би постоеле. Но што е всушност љубовта и зошто толку многу луѓе секојдневно имаат чувство дека страдаат поради неа?

Есенцијалната причина поради тоа е погрешното сфаќање за љубовта. Луѓето ја разбираат љубовта како нешто што е дадено за готово, совршено, нешто за кое не се потребни никакви поправки. Понатаму, за жал љубовта се условува и математички се калкулира со неа. Но љубовта не го трпи зборчето “ако” и таа постојано бара нешто. Бара напор, вложување и не сака да биде запоставена во ниту еден момент.

Кога станува збор за партнерска љубовна врска, секој од нас барем еднаш се сретнал со речениците: „Немам среќа во љубовта“, „Тоа не е за мене“ „Не ме сака“, „Не знам дали го/ја сакам“, „Не можам да најдам некој/а со кој/а ќе бидам среќен/на“, „Не постои некој/а доволно добар/ра за мене“ итн.

Постојат неколку причини за ваквата несреќа и верувале или не, тие се креирани од самите нас, а овде ќе разгледаме пет од нив.

  1. Се заситувате од партнерот кога „пеперутките“ и возбудата кои се карактеристични за почетокот ќе поминат, бидејќи верувате дека тоа е љубовта. Тогаш на сцена настапува досадата, за која ако не постои свесност дека самите партнери ја создаваат, сериозно може да ја убие љубовта и врската. Така, често пати се случува едниот или дури и двајцата партнери да почнат да се изневеруваат барајќи ја возбудата на друго место. Ваквите типови на луѓе имаат обичај да речат: „Не ми се погодува никој/а за да можам да останам доволно долго во врска“.  Сепак оваа причина за „несреќа“ е типична за младите луѓе кои се во периодот на адолесценција, кога се оформува зрелоста и сеуште експериментираат.
  2. Живеете во минатото и сеуште се сеќавате на тоа колку било страшно кога сте биле повредени, па сега не доаѓа во предвид уште една таква повреда. Тука е во прашање стравот кој за жал секогаш има катастрофални последици, па обично што очекувате, тоа и добивате. Во ваков случај, обично личноста која не е подготвена за нова и зрела врска бега кога ќе почувствува дека може да ја прими љубовта и како форма на отпор се јавуваат мал милион маани кои ги има потенцијалниот партнер.
  3. Премногу калкулирате и поставувате високи критериуми за тоа каков/каква да биде тој/таа. Но кога веќе калкулирате, размислете што и колку вие имате да понудите и дали вашата калкулација е праведна. Ако некој/а го/ја цените како да не е доволно добар/добра за вас, можеби тоа навистина има издржана позадина и аргумент кога се во прашање моралните вредности на личноста. Но ако тој не е доволно добар поради тоа што не е бизнисмен или таа не е доволно добра бидејќи не е домаќинка како што доликува, тогаш имате проблем. Сето тоа оди заедно со постојаниот копнеж по некој/а кој/а го доживувате како  недостижен/на.
  4. Вие постојано сакате да се натпреварувате со партнерот и врската се заснова на тоа кој ќе биде подобар во нешто. Тука “победениот“ често има тенденција да се чувствува помалку вредно од “победникот“ и нема мир се додека тој/таа не победи.  Имено, во една ваква врска има повеќе его и адреналин отколку што е потребно, а помалку хуман третман кон себе и кон партнерот. Овде постојано има возбуда која трае, но исто толку често има болка и страдање.
  5. Премногу ја нагласувате слободата и го мразите конзервативниот пристап. Сите поранешни партнери вам ви се пријатели и вие сте сосема во ред со тоа, но вашиот партнер не е. Сепак тоа може да доведе и до проблем на измешани чувства. Кога тогаш ќе се издадете за тоа и на партнерот нема е му биде сеедно, па не се чудете ако по некое време тој/таа одлучи да ве напушти. Исто така премногу очигледниот флерт со други само за да му/и покажете колку сте посакуван/а навистина не е интересен.

Извор: Применета психологија