Промотер

Калиопи има нова музичка магија за својата публика со – „Кад осване“ (ВИДЕО)

Калиопи има нова музичка магија за својата публика со – „Кад осване“ (ВИДЕО)

После редицата концерти низ целиот регион кој Калиопи ги најави за октомври и ноември, денеска, (среда, 4.октомври 2023)  таа објави и ново музичко парче. Новиот сингл носи наслов „Кад осване“ и веќе тече во етерот.

И оваа песна е снимена на српско-хрватски јазик и е наменета за регионалниот пазар кој Калиопи го освојува со хитовите од повеќедецениска кариера исполнета со успеси, својот раскошен вокал и неверојатната харизма што ја краси македонската поп дива. Таа континуирано ја исполнува својата дискографија со нови песни и на својата публика секој пат и дарува нова музичка магија. И овој пат она што таа на фановите им подари во „Кад осване“ е комплетно авторско дело на нејзиниот бивш сопруг и долгогодишен соработник, композиторот  и продуцент Ромео Грил.

„Песната ‘Кад осване’ (Кога ќе зазори) никого нема да остави рамнодушен. Тоа е песна која буди од длабок сон, раздвижува и ја враќа надежта за подобри денови! Кога ја слушнав прв пат, бев пресреќна што добив ваква песна! Ромео и овој пат се надмина себеси, а тоа му успева речиси 40 години, колку што веќе соработуваме заедно… За неполни 5 месеци добив две големи песни! Дуетската „Знам“, со мојот пријател Жељко Самарџиќ, која веќе со молскавична брзина се врежа во срцата на публиката, а сега исто така длабоко верувам дека „Кад осване“ ќе биде песна за која ќе се зборува и која што многу ќе се пее! Имаме нов хит“ – порача пејачката.

 

Овој месец таа има закажано 4 концерти во БиХ и тоа во: Сараево, Бијелина, Грачаница и Зеница. А во ноември ќе одржи голем концерт во Белград.