Лице в Лице

Јован Јованов: “Имав желба уште една песна или ремикс да пуштам чисто заради мое задоволство, но не и да работам на враќање на мојата пејачка кариера како порано“

Јован Јованов: “Имав желба уште една песна или ремикс да пуштам чисто заради мое задоволство, но не и да работам на враќање на мојата пејачка кариера како порано“

Јован Јованов, композитор, продуцент, пејач… Основач и предводник на некогаш мегапопуларната тинејџерска атракција, групата „Магија“ (Јован Јованов, Дамјан Лазаров, Зоран Стаменковски и Дони Марџиев) која со истоимениот хит своевремено го освои фестивалот „Макфест“ во Штип во далечната 1998 година, а потоа и цела Македонија. Со години потоа „Магија“ растураа со своите хитови по радиостаниците, царуваа на топ листите, не се симнуваа од насловниците на тогашните списанија и магазини, хараа со настапи по клубовите и дискотеките низ Македонија.  Младите генерации растеа со нивните хитови како “Магија” , “ДЈ”, Светло се Гасне” , “Помислувам на тебе”, “Низ оган да минувам”, “Кажи ми”… се до распадот на групата.

По нивното разидување тогаш веќе како зрел музичар,  продуцент, автор и пејач Јован Јованов успешно ја продолжи својата соло кариера нижејќи одново соло хитови и дует соработки и за себе и за сите оние кои ги правеше и дома и надвор од Македонија: Од Ноне и Елвир Мекиќ, до Тони Зен, Ламбе Алабакоски, Адријан Гаџа, Влатко Илиевски, Александар Белов, Врчак, Куку Леле, Слаткаристика, Некст Тајм или Бојан Маровиќ, Емина Јаховиќ… И така се до неговото повлекување од сцената и заминувањето најпрвин во САД, па во Канада каде и ден денес живее и работи како музички продуцент и е добитник на многу значајни награди и признанија во областа на тамошната музичка индустрија.

Иако далеку од дома, последниве две години Јованов се појавува како еден од клучните луѓе во реинкарнираниот фестивал на забавни песни „Макфест“ во Штип. По најавата и премиерата на ремикс верзијата на некогашниот голем хит „Магија“, овој пат отпеан во дует со мегапопуларниот Пајак, Јован Јованов говори за одлуката за ваквиот потег, својата кариера во странство и идните планови, за можното враќање на македонската естрадна сцена и дома, за соработката со брат му Иван Јованов – Ивајо, за Макфест… И сето ова во ексклузивното интервју што тој го даде за нашиот и ваш портал, Вистина.ком.мк, кое можете да го проследите во продолжение.

  • Деновиве во македонските медиуми најпрвин осамна веста за дуетот со Пајак, а сега и ремик верзијата на песната „Магија“ со која со истоимената група во своевремено го освои фестивалот „Макфест“ во Штип во далечната 1998 година, а истата ве лансираше во македонската естрадна орбита. Дали Пајак и неговата  моментална мегапопуларност се одбрани  за да го „реинкарнираат“  Јован Јованов  назад на сцената или само сакаш да видиш колку своевремено си бил револуционерен и дали тогашнот хит може да функционира и денес?

Песната „Магија“ дефинитивно остави голема трага на македонската музичка сцена. Драго ми е што многу генерации пораснаа со неа и се’ уште ја слушаат. Идејата за ремикс на Магија дојде од Пајак и брат ми. Буквално едно утро кога се разбудив  имав порака од брат ми: „Вчера беше Пајак во студио и пробавме да направиме ремикс“. Нормално мене идеата ми се допадна иако првичната идеа беше јас да не бидам дел од ремиксот туку само Пајак. Овој ремикс ќе дојде убаво за новите генерации, особено за малолетната публика. Јас сега за сега не планирам да се враќам во смисла да имам настапи низ Македонија. Имав желба уште една песна или ремикс да пуштам чисто заради мое задоволство, но не и да работам на враќање на мојата пејачка кариера како порано.

  • Ова не е прва „метаморфоза“ на тој хит, зашто веќе една таква „козметичка трансформација“ песната „Магија“ веќе има доживеано во 2007 година со Врчак и Адриан Гаџа. Не беше задоволен од таа верзија, па сега се обидуваш да и дадеш ново лице и зошто токму истата песна се повторува како во  луп, а не некоја друга или сосема нова?

Искрено бев задоволен од првиот ремикс. Тоа беше идеа на Адриан. И буквално таа верзија ја пеев долги години на сите мои настапи. Верзијата на Магија ми беше премногу звук од 90ти години, така што кога бев соло, првиот ремикс ми дојде супер и се вклопуваше во другите мои песни. Точно, можеби ќе беше интересно ако друга се преработеше, но сепак на Пајак таа му беше омилена, а јас го прифатив тоа со задоволство.

  • Ако дуетот помине како што очекуваш, ќе значи ли тоа дека Јован Јованов иако далеку од дома, му се враќа на пеењето на домашната естрадна сцена? 

Немам некои посебни очекувања, но за жал немам ни план да се вратам. Како што напоменав, можеби ќе има уште една песна или ремикс и тоа би било за сега. Сепак живеењето далеку од дома си го прави своето и не дозволува голема посветеност за кариера.

  • Цела деценија си во Канада, каде во 2014 се пресели со своето семејство. Зошто мораше и физички да се дислоцираш за да пробаш да правиш интернационална кариера, како што изјавуваше , кога веќе Интернетот и социјалните мрежи даваат можност да правиш, продуцираш и споделуваш музика од било кое место на земјината кугла?

Точно дека многу работи можеш да ги правиш од далечина. Но, сепак за изработување на песни, снимање и раборење со артисти треба да си на одредена локација. Музичките продуценти поминуваат многу време со артистите во студио за да направат песна. Не е исто. Но втората причина беше и тоа дека сакав промена во животот. Сакам да ми се случуваат нови работи, животот да ми е поинтересен, да излегуваат нови предизвици. Музичката индустрија во Македонија е мала и бидејќи сум присутен од дете, некако се презаситив.

  • Што работиш конкретно на музички план во Канада, дали си задоволен со очекуваните резултатите,  си добивил ли некакви признанија за работата досега и каква е материјалната сатисфакција?

Работам со доста артисти и да имав некој номинации, признанија и награди во предходните години. Добив неколку награди за една песна за филм,  на Ontario International Film Festival(ONIFF) за Best Music For Canadian Feature / The Petrichor Moviе, American Golden Picture, Best Composer / The Petrichor Movie, Venice Film Awards Best Original Song, The USA Songwriting Competition -HONORABLE MENTION AWARDS како и неколку номинации за која посебно ми беше драго за Hollywood Music in Media Awards за песната Warzone и My Love. Патот е долг за да направиш голем успех овде. Понекогаш посакувам и порано да си ја пробав среќата.

  • Колку и дали ја следиш македонската сцена и што ти се чини дека  денес е променето и поразлично од времето кога ти беше сериозен играч и како автор и како продуцент и како пејач на неа?

Ја следам македонската сцена колку што можам. Драго ми е што излегуваат нови имиња. Генерално музиката со интернетот е расплинета не само кај нас туку во целиот свет. Има премногу изданија, но неможат сите да бидат слушнати и да направат голем успех. А и тешко е и да се има огромни мегахитови како порано.

  • Иако и самиот своевремено беше познат и популарен и со „Магија“ и како соло автор и изведувач, како и повеќето македонски артисти никогаш не успеа да ја „прескокнеш онаа бариера и граница“  која не изолчира од соседството и регионот. Што мислиш која е таа „алка што недостасува“  што македонските иаведувачи никогаш не станаа големи регионални  ѕвезди со исклучок на неколкумина  како Влатко Стефановски , Тоше…?  

Јас како изведувач никогаш не сум сакал ниту сум се обидел да снимам нешто на друг јазик. Никогаш немам ништо снимено ниту на српски јазик. Имам продуцирано или правено музика за многу држави, но јас како соло изведувач немам. Стануваат доста македонски изведувачи популнарни на Балканот, но за да ја изградат популарноста на       поголемо ниво или да дојдат до степен каде би правеле концерти треба да снимаат исклучиво на српски јазик. Како што и Тоше сите песни ги пееше на повеќе јазици и на хрватски и на словенечки. Не може само со македонски јазик да станеш балканска ѕвезда. Може една, две песни да ти станат популарни и толку. Тоа би било исто сега некој романски изведувач или словенечки да биде ѕвезда во Македонија. Можеби ќе му помине некоја песна, ама нема никогаш да стане ѕзезда. Единствено јазикот е бариера.

  • Твојот брат Иван Јованов – Ивајо денес е еден од најпознатите и најбараните музички продуценти иаранжери кај младите генерации,м особено артистите од онаа нова генерација и таканаречена трап сцена. Дали и каква магија му пренесе пред  да заминеш, дали соработувате и на дистанца и научи ли ти нешто од него?

Многу ми е драго што продолжи. Мислам дека моето заминување му даде поголем поттик. Секогаш беше во студио, но секогаш некако чекаше на мене како постар да го направам првиот чекор за било што. Кога решив да заминам, првите 2 години, додека не почнав од музика да заработавам во странство, најголемиот приход ми беше од Македонија. Во тој момент Иван ја доби одговорноста да продолжи да работи со студиото и да ги продолжи сите проекти во тој момент што ги работев. Тоа го направи посилен, по искусен. И квалитетот што го поседуваше  излезе на виделина.

  • Последниве години си клучниот човек во Уметничкиот совет на фестивалот  „Макфест“ во Штип, кој евидентно доживува своевидна ренесанса на сите полиња: организиционо, музички, содржински, медиумски…  Кој е „тајниот зачин“, „магичната мирудија   во рецептот“  за  да се направи фестивал за сечиј вкус?

Најпрво ми беше чест и драго да бидам поканет да работам на Макфест и да бидам дел од уметничкиот совет. Едноставно некој работи во животот ги правиме пред се од задоволство. Макфест ми буди убави спомени и сакам да сум дел него и помогнам колку можам.  Желбата ми беше да има изведувачи од сите генерации и да бидат опфатени повеќе стилови за сечиј вкус, изведувачите да се фокусираат на песните, и настапите наместо на награди како порано. Гледано од моја перспектива со искуство, но и од местото каде живеам сакам да им дадам поддршка на сите.

  • Планираш ли наскоро да се вратиш во Македонија и зошто би или не би се вратил или можеби обратно, планираш и твојот брат Ивајо да го повлечеш во Канада?

Сега за сега за жал не планирам да се вратам, убаво ми е еднаш годишно да се прошетам да ги видам сите драги луѓе. Незнам и за брат ми. Има неколку различни планови, па ќе видиме!?

Фото: Инстаграм/jovanjovanovjj и www.jovanjovanov.com/

Останати вести од Лице в Лице