Ништо лично
ништо лично

Јоксимовиќ на „Охридско лето“: „Два света“… или можеби само еден, ама каков?

Јоксимовиќ на „Охридско лето“: „Два света“… или можеби само еден, ама каков?

Дирекцијата на  најреномираниот македонски фестива на културата  „Охридско лето“ ја објави програмата во која еден од концертите ја крена јавноста на нозе. Штом стана евидентно дека српската поп-фолк музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ ќе има свој настап во рамките на „Охридско лето“ и тоа на 7-ми август во „Античкот театар“, социјалните мрежи експлодираа.

Како прво, големите собирања од тој тип нели беа огромен ризик за ширење на Ковид 19 епидемијата и пренесување на вирусот? Како второ, дали на сите уметници, музичари, членови на нивната логистика ќе им биде правен тест за Ковид 19 штом стапнат во Охрид и воопшто на македонско тло? И како трето, нене дека Јоксимовиќ не е популарен, но фактот што иритира е дали нему му е местото на една ваква  висококултурна манифестација? Особено ако се знае дека реномираниот летен фестивал е финансиран од наши, народни пари, од буџетот на државата.

Домашните естрадни уметници, културните работици и луѓето од ивент индустријата на кои со месеци им беше забрането да настапуваат и кои не по своја вина беа доведени на работ на егзистенцијата заради корона епидемијата, најгласни и најреволтирани. Сега, кога државата најмногу треба да им излезе во пресрет, нив ги остава „на цедило“, подлажувајќи ги со по 14.500 денари, а српскиот турбо-поп го плаќа многу повеќе иод тоа, во илјадници евра?!

Во прашалници и неверување и македонските музички новинари,  кои исто така не можат да поверуваат дека дека на сцената на која настапувале великаните на светската музика како неодамна починатиот Енио Мориконе, еден Карерас или Ванеса Меј… и стотици други светски музички величини, ред дојде главна ѕвезда да биде српскиот забавувач?!

На сето ова чудење и неверување се надоврзува прашањето: Кој и зошто го ангажирал српскиот пејач, и зошто токму Јоксимовиќ, кога ниту има нов албум со нови песни, а ионака сто и еден пат бил во Македонија, од кои секоја година токму околу Илинден има концерт во Охрид?

„Точно е дека Жељко Јоксимовиќ ќе гостува на фестивалот. Тој ќе одржи концерт на седми август, со почеток од 22 часот. За време на сите настани во склоп на фестивалот ќе ги следиме препораките за заштита од Ковид-19. Ќе бидат испочитувани сите владини мерки, намален е капацитетот на посетители, има растојание од два метри. Бројот на гости секако дека ќе биде помал од 500“ – појаснуваат од ПР службата на „Охридско лето“.

На оваа соопштение од ПР службата на фестивалот со своја изјава која ја пренесоа порталите „СДК“ и „Фокус“ се надоврзува и директорката на фестивалот, обидувајќи да го одбрани изборот на Јоксимовиќ и оправда ваквата програма која предизвика „цунами од реакции“ кои се’ уште не стивнуваат:

„Токму оваа година кога славиме 60 години од постоењето на Охридско лето како дел од реализацијата на вакви концерти покрај концертите на македонските уметници е и настапот на Жељко Јоксимовиќ, насловен како „Два света“ со симфониски оркестар од Белград, членови на белградската филхармонија кој пред се има за цел за приреди вистинско уживање и за пошироката публика како што практикуваме секоја година и сметам дека ќе биде висококвалитетен. Другите детали за програмата ќе ги соопштам на прес конференција за многу брзо време“ – ќе изјави директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ.

Велите „Два света“? Симфониски оркестар од Белград, членови на Белградската филхармонија и нови верзии на некогашните екс ЈУ евергрини и хитови. Иако сето ова е „веќе видено“ и слушнато од Јоксимовиќ и неговата екипа и можеби на прва звучи примамливо, сепак, во изборот на „културните селектори“ од СДМ-овската провиненција на власт, лежи и тоа како голем цинизам.

Ако се вратиме 17-18 години наназад, кога после изборите и прочуениот 15-ти септември 2002 година СДС се враќа на власт, токму тие и нивната тогашна директорско уредничка свита предводена од тогашната генерална директорка на МРТВ – Гордана Стошиќ и нејзините поданици и слепи послушници Горица Попова и Иван С. Мирчевски, беа тие кои го растурија единствениот ревиски оркестар во земјава, единствениот реномиран биг бенд  кој тогаш не им требаше, зашто бил скап, нефункционален, некомерцијален, не носел заработка… И него и сите други оркестри во музичката продукција на МРТВ: И Биг бендот и Народниот оркестар, Оркестарот на народни инструменти, Чалгиите… најбрутално ги распуштија, музичарите ги истераа на улица, а издаваштвото на касети и ЦД-а, го згаснаа… Заборавајќи на уметноста, музиката, културните вредности! Ги погребаа, испраќајќи ги предврема во историјата на заборавот.

И сега види одеднаш, истата таа власт само со „нови деца“, има нова културна матрица? Наеднаш сфатиле дека ревискиот оркестар не прави пари туку создава вредности, па ќе го увезуваме од Белград, заеднно со симфоничарите, заради „Двата света“ на Јоксимовиќ? Небаре ние немаме свој, наш свет, кој е еднакво, а можеби е и подобар од „светот“ на соседите?

Па ако толку сакавте таква програма, еве колку за пример, можевте да го побарате маестро Кире Костов, и неговите вечни македонски евергрини, преработени во ист или сличен стил отпеани од нашето „Трио Џентлмен“ заедно со избор од други македонски пејачи, збогатени со ревиски оркестар кој може да за таа пригода да се состави од македонски музичари? Ама треба, да ти текне, нели? Или можеби треба некој друг „да ги лапне“ парите?

И сега да се вратиме на прашањето од почетокот на приказната: Кој и зошто го ангажирал српскиот пејач, и зошто токму Јоксимовиќ, кога ниту има нов албум со нови песни, а ионака сто и еден пат бил во Македонија, од кои секоја година токму околу Илинден има концерт во Охрид? Има ли логично објаснување? – како што се прашуваат многумина. Епа, можеби и има…

Познато е дека последниве години речиси сите концерти во Македонија на Жељко Јоксимовиќ, вклучувајќи ги и оние најголемите како оној на тогашната арена Филип Втори сега Тоше Проески во Скопје или на стадионот Билјанини Извори во Охрид, па се до фамозните „Два света“ во МНТ,  му ги организира естрадниот менаџер Кристијан Стефановски – Кико и неговите продукции (фирми) кои ги отвора и затвора кога како ќе посака: од „План Б“ и „Прагма“ до „Балкан медиа“

Нејсе,  познато е дека Стефановски во јуни минатата 2019 година се ожени со Ана Стојковска, сестра на Ива Стојковска позната како некогашна македонска ракометарка, која неколку месеци подоцна исто така влезе во брак и стана струмичка снаа како сопруга на струмичанецот Даниел Пројковски.

Сестрите пак се познати потоа што се отворени симпатизери, активисти и блиски поддржувачи на владеачката партија, СДСМ, па дури и повеќе од тоа…

На свадбата на ракометарката лично присуствуваше и тогашниот премиер, лидерот на СДСМ – Зоран Заев.  Ива сподели и фотографија на социјалните мрежи, а веста ја пренесоа македонските медиуми.

И кога добро ќе ги изанализирате и поврзете сите овие работи, од растурањето на оркестрите во 2002, преку организацијата на концертите и свадбените селфи фотографии, можеби нештата ќе ви станат појасни, па ќе разберете каде и како се затвора кругот и зошто токму Жељко Јоксимовиќ ќе пее во Антички на „Охридско лето“?

„Два света“? Или можеби сето тоа заедно е „еден свет“?  Невидлив за јавноста, а така присутен во секоја општествена пора на живеење, па и во естрадно-културната. „Еден свет“, ама каков? Тоа е веќе друго прашање!

 

 

 

 

 

Останати вести од Ништо лично