Ништо лично
ништо лично

Евровизија – наместо музичка, „политичка парада на изопаченоста, лицемерието и надменоста“ на големите

Евровизија – наместо музичка, „политичка парада на изопаченоста, лицемерието и надменоста“ на големите

Помина уште една Евровизија по која со години толку копнееме и ние некаков успех да прожнееме, макар тој бил и само влез во финале. Со ретки исклучоци кога знаевме да блеснеме (Елена Ристеска, Тамара…) и покрај солидните настапи секогаш останувавме да бидеме  „ситниш“ за поткусурување, зашто за да влезат „подобрите или подобните“, секогаш некој мора да отпадне, нели? Без оглед каква песна и каков настап има(в)ме, успехот ни даваа едвај да го „помирисаме“, ни дозволуваа да го вкусиме само „на кафено лажиче“, колку да не е без ич… Патем, самите заблудени во наводната важност на настанот, речиси постојано заглибувавме во сопствените скандали, во калта на околните евровизиски случувања кои врска немаат со музика, од која потоа „со трактор“ се вадевме… За следната година одново да „пропаднеме“!

Така беше со години, така е и последниве две… Праќавме тотално невпечатливи песни, изведувачи со можеби супериорни гласовни можности, но бледи и инфериорни  на сцената, инфантилни и „недоветни“ надвор од неа, со своите испади, гафови, глупави потези и недоделкани изјави… И завршивме како што завршивме, давајќи им само причина повеќе на големите кои и политички и музички ја „кројат евровизиската капа“ онака како што ним во моментот им одговара, да не „шуткаат“… со  „алиби“!

Оттаму и дилемата по најавата на МРТ, дали воопшто догодина да се учествува на Евровизија? Од една страна НЕ – заради негативниот публицитет и уривањето на рејтингот и на националниот сервис и на државата, од друга страна – ДА, заради тоа што афирмацијата на земјата, меѓу кои и естрадно – културната се’ уште ни е потребна, а вакавите собири се згодна прилика. Секако, кога се’ би било „регулар“! Вака…?

Она што Евросонг го покажа и годинава е дека оддамна наместо музичка, е претворена во „политичка парада на изопаченоста, лицемерието и надменоста“ на големите! Музички едвај на прсти да ги изброиш квалитетот или хит рефрените, визуелно – повеќе карневал и маскенбал отколку фестивал, полн со хомосексуални, бизарни, бестијални и секако политички пораки, скриени под плаштот на музиката како „ода на радоста“, спакувани во целофанскиот слоган: „Звукот на убавината“, зад кој се крие се’, само фер музички натпревар – НЕ!

Не дека Украина на „чудесен начин“ победи со фолк – рап песна, која е дури и допадлива, туку дека победи заради наводното „сочувствување“ на „сочувствителната“ Европа, заради тоа што и се случува на таа земја?!  Истата таа Европа која баш и не беше ни грам „музички сочувствителна“ кон една Босна, Хрватска или Србија после војната по распадот на СФРЈ, или кон Македонија по воениот конфликт во 2001-та?

Естрадно покажување „политичка моќ и мускули“ на одредени европски центри и тоа не само преку победата на Украинците, туку  и „преку ноќ воскреснатото“  Обединето Кралство чии преставници како по правило последниве години завршуваа меѓу последните, а сега по брегзитот за малку не победија на Евросонг, преку „О“ (нула) поените од жирито од сите земји за Германија, која на крајот заврши последна со едвај 6 поени од телевоутингот, што е музички повеќе од необјасниво, ама политички… веројатно има зошто!?

Чудно, сомнително и индикативно, дали Евровизија не се претвори и во „естрадно поле за политички натпревар меѓу народите“? Оние, големите, на кои тоа им се може?!

Оние другите, поточно дел од нив, пробуваат „на ситно“ шверцерски да „крадат поени“… Се’ дур не ги фатат! А, ги фатија!

Затоа, и покрај сите наши „грешки и пропусти“, сите наши „утки и погодоци“, сето наше (не)знаење и ограничени можности, можеби е навистина добро да размислиме дали догодина Македонската Радио – Телевизија треба да испрати свој, наш, претставник на Евровизија? Која патем и не се знае каде ќе се одржи, со оглед на сите воено-политички околности во Украина!?

Британците веќе се нудат да бидат домаќини, Италија вели дека би можела да ја репризира годинешнава, а Шведска која е пред вратите на НАТО, како повеќекратен победник со големо искуство во организационо – техничко – бродкастеркиот де,л  исто така се понуди за домаќинство.

Украина пак тврди дека сепак ќе биде добар домаќин и тоа според зборовите на претсадетелот Зеленски, во сега за жал, речиси срамнетиот со земја Мариупол!?

Како и да е, „парадата“ мора да продолжи. Прашање е само каде и дали со нас на неа, догодина?

Фото: Јутјуб принтскрин/Eurovision Song Contest 2022 – Grand Final – Full Show /express.co.uk/МРТ1 Промо

Останати вести од Ништо лично