Мегафон,Ништо лично
лавовски потфат...

15 години „Бекстејџ“: Најгледаниот естраден ТВ магазин гламурозно прослави деценија и пол успешно постоење (ФОТО)

15 години „Бекстејџ“: Најгледаниот естраден ТВ магазин гламурозно прослави деценија и пол успешно постоење (ФОТО)

15 години како бројка можеби и не изгледаат така многу. Но, да се биде деценија и пол во етерот, при тоа да станеш и останеш најгледаниот, најпопуларниот и најдобриот ТВ магазин, а сето тоа да се случува во држава како Република Македонија, каде третманот на забавата и естрадата и во медиумите и во општеството се на маргините,  навистина е „лавовски потфат“.

На екипата на „ТВ магазинот од зад сцената“  сепак ова и успеа, па „Бекстејџ“ вчеравечер, понеделник, 31 октомври 2022 година, гламурозно прослави деценија и пол успешно постоење. Роденден или јубилеј сеедно, на ретко кому кој се занимава со оваа бранша му пошло од рака да го доживее.

Низ тимот за оваа деценија и пол минале низа од познати личности, од кои некои почнале како тотални анонимуси за токму преку „печењето на ТВ занаетот“  денес да станат профилирани ТВ лица и познати јавни фаци. Манекени и манекенки, топ модели, музичари, водителки, новинарки и новинари, сниматели, монтажери, продуценти… Со текот на годините поставите се менуваа , но „Бекстејџ“ остана…

Марјана, Влатче, Јулија, Маца, Миро, Миа, Снеже, Драгана, Сани, Емилија… беа пионерите или меѓу првите кои го „газеа патот“, ја „табаа ѕвездената патека“ полна со трње и предизвици, сопки, пречки, дилеми, компромиси… Но и убавини и сатисфакција при создавањето нови ѕвезди, градење кариера на постоечките, збогатување на гламурозниот блесок на оние, најголемите – мегаѕвездите од Македонија, регионот па и оние од Европа и светот…

Кога истите доаѓаа кај нас или „Бекстејџ“ одеше кај нив, застанувајќи на црвениот тепих рамо до рамо со најголемите светски продукции и екипите од најпознатите  ТВ куќи на „Канскиот филмски фестивал„, „Филмскиот фестивал во Венеција“, „Берлин“, во САД, на фестивалските сцени на еден „Егзит“ во Нови Сад, „Зигет фестивал“ во Будимпешта, па се’ до домашните како „Манаки“ во Битола, „Д фестивал“ во Дојран, „Охрид колинг“, „Скопје гори“, „Макфест“, „МАРС“… Како и на големите европски и светски спортски натпреварувања во кошарка, ракомет, фудбал низ Европа и во Македонија! Секаде каде што има интересен културен, театарски,  филмски, литературен, музички, естраден, спортски… настан, фестивал, манифестација… кој вреди да се одбележи, „Бекстејџ“ секогаш бил тука да го проследи!

Генерации водители и новинари минуваа и го градеа имиџот на „ТВ магазинот од зад сцената“  пред камерата и на ТВ екраните, секој оставајќи свој личен печат, свое парче душа, но и знаење, умеење, залагање, за потоа повеќето и самите низ него да станат бренд за себе во светот на шоу-бизнисот. Од Симона и Мартина, преку Андреј, Габи, Ели, Николина, Јасмина, Тања… па се’ до Барбара, Ангела, малата Ева, Ноно, уредничката Ева…

И уште еден куп други помалку или повеќе инволвирани лица од водителската и новинарската професија и техниката. И секако, темелот на проектот што 15 години суверено доминира во естрадно- магазинскиот ТВ етер, главните продуценти  – Александар Б. и Петар Н.

Затоа славеничкото собирање во „Ивент центарот“ не беше само обична роденденска прослава, обичен јубилеј… Туку место каде што  и се одбележа испишувањето на една историја во која нема јавна личност, помалку или повеќе популарна, позната, домашна, странска, светска… која не застанала пред камерата на „Бекстејџ“.

Така беше и за прославата на која беа собрани еден куп ѕведи од сите споменати бранши, а симболичното делење награди, настапите на некои од естрадните уметници, говорите на добитниците… само му додадоа уште малку „ѕведена прашина“ на преубавото дружење одблизу на естрадата, на кое заради сите познати случувања, последниве години речиси и заборавивме.

Токму тоа можеби беше уште позначајниот момент кој тимот на „Бекстејџ“ одново ни го овозможи барем на неколку часа. Останатото е помалку важно, зашто денес се наградени едни, како што вчера биле други, а веќе утре ќе бидат некои трети… Зашто така и треба да биде!

Ова останатото е оноа, непроценливото! Зашто така се гради естрадната сцена на е една земја, така се стимулирааат помладите и оние кои доаѓаат, така се негуваат и одржуваат оние кои веќе блеснале, така се вреднуваат и им се дава пиетет на ветераните кои оставиле трајни вредности, така ги испраќаме и со носталгија се сеќаваме оние кои за жал, повеќе ги нема меѓу нас, а беа дел од нас.

„Бекстејџ“… нека се множат годините, успесите, резултатите, достигнувањата… Зашто во нив е вткаена и целата естрада, културата, спортот… Преку Вас истите стануваат поблиски до сите нас.

Така се гради личноста, збогатува духот, создава систем на вистински вредности, се одржува и негува нацијата, идентитетот… Зашто сето споменато е „огледало“  на еден народ… Во случајов, Македонскиот!

А.Д.