Промотер

„Фанк Шуи“ му оддават почит на Скопје преку превртлива врска во – „Никогаш пак“ (ВИДЕО)

„Фанк Шуи“ му оддават почит на Скопје преку превртлива врска во – „Никогаш пак“ (ВИДЕО)

Фанк Шуи (Funk Shui) со константната работа на својот израз, ја одбележаа 2023-та со преку 20 концерти во Европа и на Балканот (Берлин, Виена, Гронинген, Белград, Нови Сад, Загреб, итн.), како и издавање на долгоочекуваниот албум “Никогаш Пак” на 31 март 2023 кој резултираше со два распродадени концерти во Скопје во Младинскиот Културен Центар.

Нумерите на албумот во рекордно време се позиционираа на најрелевантните топ листи, разгорувајќи го медиумскиот интерес на Балканот.

Funk Shui ја започнуваат 2024-та со нов видео спот за песната “Никогаш пак”, издаден денес на 25-ти јануари во 12 часот на YouTube каналот на Funk Shui.

“Спотот е снимен низ локациите кои ги искористивме за осознавање и оформување на сами себе во младоста, кои ги осеќаме како дома, можеби повеќе од сопствените тогашни домови. Обидот е да се долови бруталистичката архитектура, потписот на нашето родно место и симболот на солидарноста и давањето, начинот на кој ние го разбирам и сфаќаме Скопје и нешто што можеби се третира и во текстуалноста на оваа песничка. Оддаваме почит кон Скопје заедно со Владислав Гавриловски, визуелниот резидент и камерманско/режисерскиот ум на оваа бетонска градина од спот.

Песната е балада за превртливата врска помеѓу писателот и Скопје и неколку скопјани. Сите други писателот ги сака и ќе биде тука за нив, како 78те земји кои беа тука за Скопје по земјотресот во 1963-та”, велат од Funk Shui.

Видео записот е на Владислав Гавриловски. Музиката и текстот се на Funk Shui, а аудио продукцијата повторно на Бен Милчев. Синглот “Никогаш пак”, како и истоимениот албум е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.