Се спремате рекреативно или поозбилно за некој маратон па покрај вниманието што го оддавате на исхраната, хидратацијата, опремата итн. не заборавајте го најважниот сегмент од секое трчање – дишењето!
Сите сме го почувствувале тој момент во некој дел од нашата тркачка историја, било како деца, рекреативни или поозбилни тркачи кога здивот се губи од контрола и целото темпо се руши поради задишаноста. Ова претставува природна компонента на спортот бидејќи телото се бори за воздух, но истата може да се скроти и пренасочи со правилни техники на дишење во текот на трчањето, но и во преостанатите животни активности.
Клучот за трчање на подолги дистанци е да му се овозможи на телото доволен доток на кислород на мускулите кои имаат побарувачка. Тука во равенката влегува правилната техника на дишење која ќе му овозможи на човекот комплетно полнење и празнење на белодробниот капацитет, а тоа ќе го зголеми вкупниот волумен на вдишан кислород.
За овој процес да се случува на оптимален начин, потребно е човекот да дише споро и длабоко во текот на активноста, наместо кратко и плитко. Всушност, правилното дишење секогаш треба да “извира” од дијафрагмата, односно, тоа да биде стомачно, бидејќи овој тип на дишење е најефикасен во споредба со другите типови.
Абдоминалниот тип на дишење, иако недоволно практикуван од широката популација (луѓето често мислат дека ширењето на градите е знак за целосно наполнето белодробие) е всушност најприродниот начин на земање на воздух, а неговото инкорпорирање во секојдневието може да се постигне со свесно менување на навиките на дишење.
Доколку не сте сигурни дали дишете на овој начин, легнете на подот и рацете ставете ги над папокот. При вдишувањето, единствен дел што треба да се подигнува и спушта се рацете односно стомакот, не и градниот кош.
Кога ќе го вметнете ваквиот тип на дишење во ваштето секојдневие, во канцеларија, при стоење итн. веќе можете да го почнете да го практикувате и во трчањето каде свесно ќе се обидете да ја одржувате што е можно помирна и длабока секоја респираторна сесија.