Мегафон

Прва полуфинална вечер на Макфест во Штип

Прва полуфинална вечер на Макфест во Штип

Вчера вечер започна триесет и шестото издание на Фестивалот на музика „Макфест“, на отворената сцена поставена во спортско-рекреативниот центар „Аква бела ресорт“ во Штип.

Миро Кацаров и Ведрана Ѓорѓевиќ оваа година се домаќини на „Макфест“, па со интересен вовед на фестивалот ја отворија првата полуфинална вечер.

Вчера се изведоа 12 нови композиции од музичари кои првпат настапуваат на овој долгогодишен музички фестивал.

Оваа година на „Макфест“ првпат се појави и уникатната Калина Велковска, со нумерата насловена како „4“, музичко дело позади кое се потпишува познатата Сара Мејс.

„4“ е уникатна композиција со лична нотна приказна, која буди емоции. Музиката и текстот на песната се дело на Сара Мејс, додека пак аранжманот и аудио продукцијата се на Иван Петровски, а режијата му беше препуштена на Зоран Зонде Стојановски.

Калина Велковска – Кали со својата композиција „4“ ги освои жирито и публиката и успеа да се пласира во финалната вечер на „Макфест 2021“ заедно со Александар Јосифовски, Виолета Арсовска, Рахела Такашманова и Марија Данева кои ќе бидат во трка за некоја од наградите.

Во дебитантската вечер се претставија и Андреа Симичиева, со песната „Јас и ти“, Ивана Василева со „Доволно е сè“, Александар Јосифовски со „Без неа“, 4U со „Ти си негова“, Александар Тодороски со „Под исто небо“, потоа Теодора – „Повторно сум силна“, Вејчеслав Поповски со „Запеј песна запеј“, Виолета Арсовска со „Нека ме снема“, како претпоследна настапи Марија Данева со „Твоја“, а натпреварувачкиот дел го заокружи Рахела Такашманова со песната „Ако не си ти до мене“.

Првата награда изнесува 5.000 евра, втората награда ќе биде 3.000 евра, додека третопласираниот ќе добие парична награда од 1.000 евра.

Вечерва ќе настапат неколкукратнaта победничка на „Макфест“ Александра Јанева, Мартинијан Кириловски, потоа Роберт Билбилов, Ѓоко Таневски, Интервали, Лара, Пепа,Eye Cue, Александар Митевски и Драган Спасов –Дац, заедно  со “Brasstet Skopje”.

фото: точка.мк/јингле.тв