Мегафон

Промоција: „Монографијата 25 години творештво” на Пандора Апостолоска-Саздовска

Промоција: „Монографијата 25 години творештво” на Пандора Апостолоска-Саздовска

Промоцијата на „Монографијата 25 години творештво” на Пандора Апостолоска- Саздовска ќе се одржи на 19 јануари 2024 година, во 21 часот, во Бруталсик (концепт-простор, центар за мултимедијален проект, архитектура, уметност и дизајн) во Скопје. Монографијата ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторката во период од 25 години творечка работа. Текстот е на историчарот на уметност и ликовен критичар Златко Теодосиевски, кој потенцира дека Апостолоска-Саздовска е мултимедијална уметница.

– Таа работи цртеж, сликарство, објекти/инсталации, перформанс, фотографија… – без самонаметнати преференци и правила, туку, водена од „темата“, го избира и најсоодветниот авторски исказ. На нејзините изложби најчесто гледаме комбинација на медиуми/искази, а тоа следствено се пренесува и во многу нејзини дела, каде што сликата, на пример, се трансформира во објект, објектот во инсталација, перформансот во слика итн. Тоа зборува за уметница со комплексна мисла и авторски исказ, за типичен постмодернист и ангажиран творец воден од идејата, темата, проблемот… елабориран во нејзината внатрешна „лабораторија“ на рефлексии и чувства, избори и одлуки.

Инаку, Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 г., дипломира на Академијата за ликовни уметности, на отсекот Сликарство со реставрација и конзервација, под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Уметничката практика на Апостолоска-Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи, истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во својата богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и во центри за современа уметност, вклучувајќи ги и: Музејот за современа уметност во Македонија, Музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, Центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан, Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, 19. Азиско биенале во Бангладеш, 58. Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14. Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија, Шпанија, Мароко, Катар, Тунис, Азербејџан, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Индија, Кореја… За својата работа, таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 г., во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Во 2017 г., беше визитинг професор на Катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, а во 2023 визитинг професор на Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

Извор: Република