Мегафон

Промовирана монографијата „Мизар Откровенија 1981 – 2021“ од авторот Тошо Филиповски

Промовирана монографијата „Мизар Откровенија 1981 – 2021“ од авторот Тошо Филиповски

Монографијата „Мизар откровенија 1981 – 2021“, четвртото капитално дело на публицистот и рок-хроничар Тошо Филиповски беше промовирана синоќа во кафе барот „Глуво куче“ во Скопје, со масовна дружба на дел од членовите на бендот од различни периоди на неговото четиридецениско постоење со вљубениците на нивната музика, колеги музичари од други рок-состави, јавни личности.

За време на повеќечасовната дружба беа преслушани повеќето песни на Мизар, како и две, би можело да се каже, премиерно  кога станува збор за јавен собир, „Стој“ од 1986 година и гаражната – демо снимка на „Исус“ од 1982 година.

Авторот на Монографијата Тошо Филиповски во обраќањето рече дека  „Мизар  Откровенија 1981-2021″ е неговиот споменик кон еден бенд  кој извршил силно влијание како врз неговиот живот, така и врз целото општество.

Тој во своето обраќање потсети на сите предизвици со кои се соочил во собирањето на потребниот материјал за создавање на вакво капитално дело и посака „Мизар откровенија 1981 – 2021“ да биде важно четиво за сите генерации, сегашни и идни.

„Имаме значајни бендови кои заслужуваат да бидат напишани книги и за нив, јас физички во овој период и не можев повеќе да го сторам, имајќи предвид дека зад мене во изминативе години се четири капитални дела, почнувајќи од првата Македонска рок енциклопедија. Но се надевам дека ова е почеток на книгоиздателство во земјава во кое ќе биде пошироко опфатена македонската рок-култура и историја, но и издавањето на финални музички производи“; рече Филиповски.

Извор: МКД.мк