Промотер

МРТ го претстави видеото за песната „Дома“ со која Марија Спасовска годинава ќе не претставува на детскиот „Евросонг“

МРТ го претстави видеото за песната „Дома“ со која Марија Спасовска годинава ќе не претставува на детскиот „Евросонг“

„Секое дете заслужува топол дом“, порачува Марија Спасовска со прекрасната балада „Дома“, песна со која ќе ги брани боите на нашата земја на детскиот Евросонг, чие 16. издание ќе се одржи следниот месец во белоруската престолнина Минск. За овој прв евровизиски предизвик, 13-годишната надежна пејачка ги здружи силите со еден од нашите најдобри автори со богато искуство на овој фестивал – композиторот и продуцент Дарко Димитров, како и со својата постара колешка и наша евровизиска претставничка со најдобар пласман досега – Елена Ристеска, чиј потпис како коавтор стои на стиховите.

„Иако бев мошне зафатен, кога ми се јавија од МТВ за да направам песна, веднаш се согласив кога слушнав за кое девојче станува збор“, рече Димитров пред премиерата на евровизиската песна во емисијата „Стисни плеј“на МРТ.

„Дома“ визуелно ја дополни и режисерот Чедо Поповски со продукцијата „Сутерен студио“, а во видеото снимено во МОБ, Марија е облечена во креација на Елена Лука, специјално дизајнирана за оваа пригода. Потписот на Лука ќе стои и на креацијата која Марија ќе ја носи на сцената во арената „Минск“, каде што следниот месец ќе се одржи и главниот настан.

Во меѓувреме, Марија вокално се подготвува со професорката Ана Костадиновска, а за сценскиот настап и комплетната кореографија и режија за најдобро претставување на оваа приказна работи со младата и успешна режисерка Љупка Јакимовска, со која соработуваше и за претходните меѓународни настапи, меѓу кои и минатогодишниот „Славјански базар“, исто така во Белорусија, каде што освои трето место како и во оној во Москва, од каде што во април годинавасе врати како победник.

Како звучи и изгледа евровизиската „Дома“ на Марија Спасовска дознајте во продолжение.