Промотер

Христијан Настески – Пајак „изгуби глас“ во – „Бебе“ (АУДИО)

Христијан Настески – Пајак  „изгуби глас“ во – „Бебе“ (АУДИО)

Христијан Настески – „Пајак“, е талентирано деветнаесетгодишно момче кое ни доаѓа од убавиот Охрид, инаку студент на прва година на студии по информатика. Јавноста го запозна како еден од оние што ветуваат туркајќи ги новите правци кои со помош на технологијата и редењето стихови, музичките ентузијасти ги прават привлечни и примамливи за публиката, најмногу за нивната генерација и тие нешто помалите од неа.

Така Пајак го запознавме најпрвин преку темите “Hell Boy” и “Mama” со кои стана познат кај младата публика кај нас, но и во соседството, по што следуваше логичното продолжение на приказната насловено „Dark side“, па набргу потоа и преку следнаите две: „Крај“ и „Ноќва“, за да стигнеме до најновата, овој пат своевидна балада со наслов „Бебе“. И тука Пајак се соочи со вистината на која во ваквите песни сакал-нејќел, мораш да и погледнеш в очи.

Имено, при (т)рапувањето младиот (т)рапер со помош на веќе споменатата технологија на изобличување на вокалот добро се снаоѓаше, но кога требало да се отпее балада со чист вокал, Пајак се заплеткал во сопствената мрежа… на вокална немоќ. Зашто со (т)рапувањето добро се носи, ама кога е пеењето во прашање, очигледно Пајак е мало „Бебе“…

Затоа и би било многну подобро и пологично во иднина и тој и неговите извршни продуценти од „Урбан рекордс“ како и нивниот и негов музички гуру Иван Јованов – Ивајо да се држат до она што на “детето“ најмногу му лежи. Вака, може само да го фрли во вода и она што досега го правеше во стилот кој треба да го турка во правецот кој му одговара. Се’ што е поинаку е рамно на стихот од рефренот на новата песна: „Бебе губам глас јас…!“ Ама и чекор со кариерата, која штотуку му почнува!