Ништо лично
ништо лично

Ако ја урнат „Универзална сала“, СДСМ и Петре Шилегов ќе бидат новите варвари на 21-от век!?

Ако ја урнат „Универзална сала“, СДСМ и Петре Шилегов ќе бидат новите варвари на 21-от век!?

Град Скопје и градоначалникот Петре Шилегов одлучија без да прашаат ниту еден граѓанин Универзална сала да се урива и на нејзино место да никне некаков парк со летна сцена?! Информација која ја крена јавноста на нозе, особено заради долгите ветувања дека македонскиот храм на културата ќе биде реновиран и модернизиран и конечно пуштен повторно во функција како вистинска и единствена специјализирана концертна сала во македонската престолнина.

Повеќе од 55 години Центарот за организирање на приредби „Универзална сала“  е единствениот објект во градот Скопје и во цела Македонија, кој е специјално дизајниран и наменет за одржување на сценски и музички настани, манифестации, концерти, фестивали, театарски и балетски претстави, танци, па дури и спортски настани и други специјални содржини од областа на културата и уметноста, воопшто.

Со своите програми и активности, тој не само што се одразува на јавниот интерес на граѓаните на град Скопје и Македонија, туку повеќе од половина век тоа е култно место, поточно епицентарот на културните и уметничките збиднувања во метрополата. Илјадници концерти, стотици претстави, фестивали, манифестации, приредби… се одржале на нејзината сцена. Но,  Универзална беше исто така дом на стотици прослави, конвенции, презентации, собири, симпозиуми, конгреси … па се до место каде идните генерации академски граѓани полагале приемни испити за запишување на еден од скопските факултети. Најголемите домашни и светски уметници на рок, блуз, џез, класичната музика, танцот или фолклорот, најпопуларните балкански музички sвезди, актери и балетски уметници и танчари настапиле на нејзината сцена!

На македонските организатори и изведувачи на сценски и музички настани, Универзална им беше како втор дом, а многу од нив ги направија своите први чекори во нивните кариери преку детските фестивали или фестивалите за возрасни, а подоцна и својата слава ја крунисаа и овековечија преку првите самостојни концерти токму тука … во легендарната Универзална сала! Не е невообичаено да се каже: „Кој не ја наполнил Универзална барем еднаш, тој не се признава за уметник!“

Универзалната сала е култно место кое важи како сала за културни операции во градот Скопје. Затоа Универзална, како и секое култно место, го заслужува своето место во легендите. Денес, во 21 век, во време на ултра брз развој на технологијата и комуникациите, ова место заслужува на идните генерации да им остане како сведоштво за сето она што се случувало во изминатите повеќе од пет и пол  децении во градската лулка на културата, наречена Универзална сала, а со тоа и во Македонија. И сето тоа, како сведоштво за минато време како културен споменик за новите генерации, но и како благодарност до сите оние кои како директни протагонисти, изведувачи, организатори, вработени, соработници, помагачи, патрони, донатори … кои ја создаваа културата и културните навики на главниот град и на државата. И, конечно, како благодарност до милионската публика што парадираше низ времето и настаните во културниот храм на метрополата, во нашата, единствена Универзална сала, која нагризана од забот на времето, за жал,  речиси 6 години зјае празна, чекајќи ја својата обнова!

Но, Универзална сала не е само обичен концертен простор. Според многумина, а и начинот на кој е создадена, Универзална сала е и своевидно обележје на Скопје, дел од неговиот градски идентитет. Како што Калето, Камениот мост, Старата железничка станица, црквата свети Свети Спас или Свети Пантелемон на Водно, ГТЦ, Милинеумскиот крст… се културно историски споменици или паметници – секој на своето време и својата епоха, така и Универзална сала која е изградена со донациите како резултат на светската солидарност и помош по катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 год, е своевиден паметник на културата!

Токму затоа ова светилиште на културата мора да остане нечепнато. Да, реновирано и обновено, во ново современо руво, архитектонски и технолошки осовременето, но сепак тука, на ова исто место, на оваа света локација, во срцето на македонската престолнина – Скопје! Помислата на било какво уривање или дислоцирање е злосторство против културата и општоцивилизациските норми, какво што историјата  до сега не памети. Или памети само во неколку случаи: Кога Вандалските племиња го опустошиле Рим,  кога Талибанците во Авганистан во долината Бамијан ги уриваа познатите џиновски статуи стари над две илјади години или кога џихадистите од Исламската држава го ограбија, па со булдожери го разораа древниот асирски град Нимруд во северен Ирак, едно од највредните археолошки наоѓалишта во регионот и воопшто во светот.

Затоа, ако посегнат по уривање на Универзална сала, СДСМ и скопскиот градоначлник Петре Шилегов ќе бидат новите Варвари на 21-от век!

Останати вести од Ништо лично