Мегафон
назад во времето...

„99 Мегастарс“ ја стартуваше македонската временска музичка машина и не врати во 90-ите: Забава до бесвест, освежени спомени и вредни награди (ФОТО)

„99 Мегастарс“ ја стартуваше македонската временска музичка машина и не врати во 90-ите: Забава до бесвест, освежени спомени и вредни награди (ФОТО)

Последниот ден од месец  ноември беше таканаречениот мегаден кога Државната лотарија на Македонија преку проектот  „99 Мегастарс“ ја стартуваше македонската временска музичка машина и не врати во времето на 90-ите.

Некогашните меѓу кои дел од нив и сегашни и се’ уште актуелни и популарни македонски поп – рок, рап и ар ен би ѕвезди на големата сцена во салата „Јане Сандански“ ни ги освежија спомените со своите најпознати хитови од времето на првите години на слободна, независна и суверена Македонија. Повеќе од 25 изведувачи и групи ги пееја своите незаборавни хитови  кои ја обележаа нивната кариера во 90-ите, споделувајќи незаборавни моменти со публиката во салата, која пееше танцуваше и се забавуваше во еден глас со нив. И оние кои растеа и најубавите тинејџерски години ги минуваа со овие песни и нивните наследници, оние помладите од новите поколенија, кои само ги  слушнале на радио, виделе на ТВ и едвај нешто малку знаат за музиката и музичките херои од времето на нивните родители.

За жал и покрај целата кампања, салата не беше полна до крај или не барем онолку, колку што македонските музички артисти и нивната музика заслужуваат, што само дополнителнно ја покажува комплетната апатија кон сопственото богатство, музички наследство, непочитување на своите вредности… Одраз на комплетно погрешната политика сиве овие години и на државата и на оние кои ја воделе во поглед на културата, естрадата, забавата, украдениот медиумски „прајм тајм“ простор за „духовна убавина“ од страна на политиката и политичарите во спрега со медиумските олигарси, наметнатиот  поданички дух  дека туѓото е подобро и поубаво, комшиското е поквалитетно и позабавно… од сопственото. А не е или ретко кога е! И уште многу коцки во „мозаикот на апатичната безнадежност“ во која насила не втурнаа „политичките авети“ и оставија да се (у)давиме до крај… Токму можеби затоа е вистинско време за комплетен ресет на „сопствениот мајндсет“, време за нова „духовна ренесанса“  која секако треба да се гради на темелите на сопствените стари вредности, меѓу кои и музиката од 90-ите.

А вчерашната вечер беше показател дека токму 90-ите можеби се и најплодната декада за македонската забавно музичка естрада. Период кога беа создадени безброј песни, а од нив најголем дел станаа хитови, многу пак останаа евергрини… Рефрени кои и ден денес звучат  доволно свежо за да се пеат како да се вчера компонирани и испеани!

„99 Мегастарс“  како синоним на едно време на процут и на музиката и на забавно-музичките емисии во ТВ етерот беше најавено како уникатно искуство со добра македонска музика и една поинаква, позабавна лотарија на Државна лотарија, која ги овозможи Мегавин наградите и „99 Мегастарс“ шоуто, кое како концепт ги оправда очекувањата!

Наградниот фонд повеќе од богат и привлечен: 5 луксузни патувања за двајца во Дубаи, 10 гејминг лаптопи Lenovo, 10 iPhone 14 Pro и еден автомобил BMW  кои покрај песните и забавата, вечерта им беа  доделени на најсреќните.

Настанот го водеа и водителите од она, но и ова време, неповторливиот Игор Џамбазов и единствената Марјана Станојковска, додека во бекстејџот или така наречената „зелена соба“ која всушност беше бела,  беа  Мартин 99 Трпчевски и Миа Костова.

Сите заедно, секој на свој начин, очекувано, беа апсолутно на висината на задачата.

Журката започна со ДЈ Мац кој како увертира во шоуто додека публиката се’ уште влегуваше во салата пушташе на сцената дел од македонските хитови од „она време“.

Звуците на познатите рефрени и хит песни од  македонската музика во времето на 90-ите и почетокот на новиот милениум ги донесоа и тогашните музички имиња, па така на сцената ги видовме: Искра Трпева, Peace Brothers, Куку Леле, Марјан Стојановски, Кристина Арнаудова, Ребека, Маја Гроздановска-Панчева, Ристо Самарџиев, Александар Ристовски – Принц, Бени Шаќири, Андријана Јаневска, Верица Пандиловска, Арчи, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски… 

Некои од нив физички по малку видоизменети, но во своите настапи и изведби се’ уште сигурни и убедливи, а нивните хитови незаборавни, што го докажа и публиката која заедно со нив ги пееше.

Дел од своите хитови изведоа и некои популарни артисти кои се појавија малку подоцна, во почетокот на новиот милениум како Александар Тарабунов или Тони Зен, на пример. Хитовите пак  кои ги пееле некои од тогаш популарните пејачи кои веќе не живеат во Македонија или за жал повеќе не се меѓу нас, за да не изгледа дека биле заборавени, ги изведоа изведувачи од помладата пејачка генерација или онаа, која во моментов е актуелна како:  Ивона Јо,  Дуо Дис, Наде Талевска, Сара Мејс, Теа Трајковска, Дарко Гроздановски, Мила Николовска-Ѓумаркои изведоа незаборавни песни од Есма Реџепова, Маја Оџаклиевска, Ерзана, Тоше Проески, Влатко Илиевски, Цветанка Глигорова, Маја Вукичевиќ…  

Покрај  аудио-визуелното доживување олицетворено во бина со големина од 120 квадратни метри, повеќе од 100 квадратни метри лед екрани, „зелена т.е. бела соба“, ВИП делот за новинарите и медиумите на кои беспрекорно им беа озвозможени сите услови за работа и добија ВИП третман, осмислен беше и надворешниот дел, односно просторот пред салата кој  беше замислено да биде наменет за сите оние кои нема да бидат во можност да влезат во салата и  пред СЦ „Јане Сандански“ да бидат поставени лед екрани и шатори каде бесплатно ќе се дели топол чај.

Освен тоа настанот беше емитуван и на профилите на социјалните медиуми на Државна лотарија на Македонија, како главен поддржувач на проектот кој сосема ги оправда очекувањата, без оглед на сите ситни пропусти и „апатичниот однос“ на публиката кога е посетеноста во прашање, иако влезот во салата беше бесплатен. Затоа пак уште еднаш се потврди дека  она што како музичко наследство го имаме, а ни го оставија авторите и изведувачите од 90-ите и почетокот на овој век е… „бесценето“!

Фото: Приватна архива