Мегафон

За првпат во Македонија се одржува детски камп за класична музика во Битола

За првпат во Македонија се одржува детски камп за класична музика во Битола

Проектот “Kids Classical Music Camp” се реализира од 12 – 16 јуни во Битола. Главен организатор и лидер во овој проект е Здружението Пијано од Битола, а партнери во проектот се Здружението ” Gradus Ad Parnassum” од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште ” Tefta Тashko – Koco ” од Корча, Р. Албанија.

Раководните лица на здружението „Пијано”, Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска истакнуваат дека на овој петти повик од Western Balkan Fund и втор повик кој што е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани се 36 проекти, по 6 од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот ” Kids Classical Music Camp” на здружението “Пијано”.

Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект е предвидено и споделување на знаења, па така во текот на проектот ќе бидат реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија.

Првиот ден во Државното музичко училиште во Битола измина во претставување на учесниците и самиот проект. Во истиот покрај едукативните работилници предвидени се посети на Битолскиот Завод и Музеј, Хераклеја, Охрид, Пелистер, со што проектот придонесува и кон туристичка промоција на нашата земја.

На 14.06. во КИЦ – Офицерски Дом ќе се одржи концертот на учесниците во овој проект, кој како круна на деновите поминати заедно во меѓународна културна симбиоза, ќе блесне и ќе го заокружи настанот, со што Битола ќе се збогати со уште еден културен настан за паметење. Самиот проект структурно коципиран е врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан.

Целната група во проектот се децата, кои се наши музички амбасадори и класичната музика.

„Голема е благодарноста и среќата што европските организации ја препознаа нашата идеја, која што ќе се потрудиме да ја реализираме најдобро што можеме и со тоа да ја направиме нашата земја и нашиот град уште побогат со културни настани и случувања” – изјавуваат од Здружението Пијано.

Проектот е реализиран со поддршка од Western Balkan Funds и EU. Здружението на пијанисти и музички педагози Пијано Битола е формирано 2018 година од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика.

Целта на здружението е да се подигне нивото на музичка култура, културата на слушање на класична музика во нашиот град, како и да се имплементира еден нов начин на едукација на нашите млади таленти кои што треба во иднина да ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл.

Извор: Радио МОФ