Мегафон

Во Брисел промовирано здружението „Есма – крстосница на културите“

Во Брисел промовирано здружението „Есма – крстосница на културите“

Со настап на групата „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“ синоќа во Брисел беше одржана промоција и отворена канцеларија на здружението „Есма – Крстосница на културите“ („Esma – Carrefour des cultures“), чија цел е промоција на ромската и балканската култура и музика во Белгија – објави makpress.mk.

Здружението, како што посочи неговиот претседател Оливие Бони, е формирано во 2020 година во Шарлроа, но поради Ковид пандемијата во почетокот немало позначајни активности. Тоа сега се шири и работи на нови проекти, вклучително и отворањето на канцеларијата во Брисел во чии рамки има и библиотека, документациски центар и книги, преку кои белгиското општество ќе може подобро да се запознае со ромската култура.

– Сакаме да го урнеме ѕидот на предрасудите за ромската популација. Го користиме името на познатата пејачка Есма Реџепова, бидејќи таа беше голем амбасадор на ромската култура, истакна Бони во изјава за МИА.

Цел на здружението, исто така, е и да ги поврзува луѓето и да иницира дијалог меѓу лица со различно потекло и култура, исто како што Есма патуваше низ целиот свет и ги поврзуваше луѓето со својата музика.

– Ова е можност да и дадеме вредност на нејзината кариера и нејзините пораки, со реализација на различни проекти, како оној за ромските, но и за балканските писатели, затоа што не сакаме да ги делиме балканските општества и да создаваме вештачки граници меѓу луѓето, вели Бони.

Тој додава дека здружението планира и многу други проекти, за што очекува средства од белгиски институции, кои се посебно заинтересирани за поддршка на ромските организации, бидејќи само мал број од нив се реално активни и особено што „Есма – Крстосница на културите“ е единствената организација чија примарна цел е промоција на културата и интеграција на ромскиот народ.

Според единствената ќерка на Есма и солистка на „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“, Елеонора Бони, здружението засега функционира само во Белгија, но е заинтересирано за соработка и со други слични организации од други земји за промоција на своите заложби и надвор од белгиските граници.

Таа додава дека „Есма – Крстосница на културите“ досега во Белгија има организирано изложба на фотографии посветена на Есма и нејзиното животно дело, како и неколку настапи на „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“.

– Во моментов работиме на театарска претстава, што следната година ќе ја има својата премиера, најверојатно во Шарлроа, а се надевам потоа ќе ја изведеме и тука во Брисел. Со театарската претстава ја промовираме ромската култура и зборуваме за ограничувањата со кои се соочува жената Ромка, вели Елеонора Бони.

Таа посочува дека во ромската заедница постои традиција дека жената мора да седи дома, да одгледува деца, да биде мајка, односно да биде се, само не пејачка. Според неа, вообичаено Ромките кои се пејачки не се прифатени од своите семејства и од локалната ромска заедница.

– Јас тоа го почувствував на своја кожа и сакам да дадам се од себе идните генерации да го немаат тој проблем. Даваме се од себе и се бориме да им ги отвориме очите на луѓето, додава таа.

Шефот на „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“, координатор на здружението и син на Есма, Симеон Атанасов, посочува дека „Есма – Крстосница на културите“ е единствена организација од овој тип затоа што ја промовира ромската култура на „вистински начин“.

– Што значи тоа на вистински начин. Не само она што се снима по филмовите, сиромаштија и ред други работи, туку да се промовира вистинската ромска култура и традиција. Затоа сега ја отворивме канцеларијата овде во Брисел за да бидеме достапни до сите и да може секој да дојде и да препорача некоја своја идеја за да реализираме проекти, вели Атанасов за МИА.

Според него, здружението е отворено за луѓето од целиот Балкан, но негова примарна цел е промоција на ромската и македонската култура.

Во однос на состојбата околу Спомен музејот на Есма во Скопје, Атанасов посочува дека веќе седум години се води судски спор во кој нејзините два тестаменти – за куќата и за авторските права, се оспорени од страна семејството Реџепови.

– Се уште се влечеме по судските ходници. Но, она што мене ме изненадува е зошто властите не преземаат нешто околу тоа и да се реши тој случај побрзо, затоа што единствен наследник на куќата според тестаментот е Министерството за култура, а тоа ништо не презема за да го заштити својот имот, вели Атанасов.

Тој посочува дека засега ова прашање е статус кво, а музејот е руиниран и од е него се однесено.

– Јас и Елеонора сме малку разочарани околу тоа. Тука се трудиме да ја одржиме таа традиција на Есма, но во Македонија тоа оди многу тешко, додава Атанасов.

Фото: Фејсбук/Esma’s Band Next Generation