На денешен ден, 1 декември 2016 година во Скопје, години почина кралицата на ромската музика Есма Реџепова.
Есма Реџепова беше родена во Скопје на 8 август 1943 година. Таа беше позната македонска пејачка и хуманитарка. Нарекувана е Кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 година ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија.
Реџепова е петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, во мала куќичка во центарот на Скопје. Таткото Ибраим во бомбардирањето на Скопје во април 1941 година ја изгубил едната нога. Се обидел да ги прехрани четирите ќерки и двата сина како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Но, наскоро го проширила „бизнисот“, па им помагала и на другите чистачи на чевли во Скопје. Таа била нивниот главен снабдувач со „репроматеријал“. Трчала до тогаш единствената работилница за производство на боја за чевли „Iмалин“ и набавувала за сите. Парите што чистачите и ги давале за автобуска карта, таа ги штедела за кино билет, а најчесто во набавки одела пеш. Постарите скопјанки можеби не се сеќаваат дека денешната ромска кралица е она истото девојче што пред педесетtина години чекала во ред за да им купи млеко, а тие и давале по некоја паричка што исто така завршувала во билетарницата на скопското кино. Ученичката Есма имала бунтовна природа и никогаш не им останувала должна на оние што сакале да ја понижат нарекувајќи ја „Циганка“. Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата го принудила деветгодишното девојче да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Имала прекрасен глас секогаш широка насмевка и ведра природа. Нејзината мајка никогаш не запеала. Татко и Ибраим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој всушност и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓучилиштен натпревар во пеење во Сарај.
Таткото тоа го дознал еден ден, кога на вратата на Реџепови чукнал познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски. Тој дошол да го убеди да и дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл. Таа есен 1957 година, Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Во 13-годишната црномуреста девојка, облечена во скромно фустанче, музичките критичари откриле вонсериски талент. Тој момент животот на Есма добил поинаков тек. Таа се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, а татко и добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап, за кариерата и оти нема да дозволи таа да стане кафеанска пејачка. Дом и станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, патиштата, новите градови и хотелите. Есма денес речиси и не може да се сети на првите официјални настапи. Прво почнале со скромни турнеи во Македонија, потоа во републиките на бивша Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија. На двомесечната турнеја таа била вистинска атракција, затоа што во тоа време не било „природно“ Ромите да се вклучат во естрадниот живот. Заради контактите и поразвиениот музички пазар, скопјанката Есма од 1960 година станува жител на Белград.
Нејзин дом биле две соби на Дедиње, во кои живеел целиот ансамбл „Теодосиевски”, вклучувајќи ја мајката на Стево, која на Есма и била како втора мајка. Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисала во брак во 1968 година. Драчевци и денес се сеќаваат на големата и весела ромска свадба, а седум дена подоцна бракот го регистрирале во Белград. Од белградскиот аеродром почнуваат многу патувања на ромската музичка кралица. Есма станала популарна и поради тоа влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на Mаршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот водач Муамер Гадафи, кога летувал во резиденцијата на Бриони. По 30 години брак, смртта на Стево ги раздели Кралот и Кралицата. Но, таа вели дека тој останал присутен во нејзиниот живот.
Кога пеела во Шпанија мислеле дека е шпанска Ромка. Во Русија „малку го згрешила акцентот“, па публиката помислила дека е од Узбекистан. Во Келн публика од 20.000 гледачи занемела пред нејзиниот глас. Во концертната сала завладеала апсолутна тишина како никогаш дотогаш. Таа е среќна што по вторпат е номинирана за Нобелова награда за мир. Првпат во 1987 година, како кандидат на Црвениот крст на Југославија. а сега како адут на Светската организација на Ромите, со поддршка на 76 невладини организации и лајонс-клубовите во земјава. Есма никогаш не родила свои деца, но посвоила и одгледала 47. Сите тие растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски“. Мајката на најмногу деца во Македонија денес има повеќе од 100 внуци и правнуци.
Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас почнувајќи од првото музичко откривање на 11 март, благодарение на ангелскиот глас стана светски прифатена и призната, таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.
Есма Реџепова сними и објави повеќе од 580 песни, меѓу кои и две платина и осум златни дискови. Изврши повеќе од 22.000 концерти, од кои една третина се одржаа за добротворни цели. Со Ансамблот Теодосиевски сними 108 синглови, 32 компактни касети, 15 дискови, шест видеокасети и бројни телевизиски емисии. Реџепова најмногу пееше на ромски и македонски, но исто така сними песни на српскохрватски, турски, хебрејски, грчки и хинди. Реџеповите песни често зборуваат за љубов, тага и брак. Една од нејзините најпознати песни наречена Чаје Шукарие стана химна за сите Роми насекаде низ светот. Есма често пееше традиционални песни, и ромски и македонски, но многу од нив се и nivni композиции. Теодосиевски вообичаено компонирал и аранжирал песните, но Есма исто така некои песни, вклучувајќи ја и „Чае Шукарије“. Таа, исто така, ги подготвуала кореографииите за настапите.
Есма Реџепова почина во 2016 година, на 73-годишна возраст, по кратко боледување. Погребана е на гробиштата Бутел во Скопје.
За жал иако сето свое културно и музичко наследство и го остави на државата република Македонија, заради семејните недоразбирања на наследниците и судските сппорови кои се водат меѓу нив, но и негрижата на државата, нејзината спомен куќа – музеј која самата ја изгради беше целосно ограбена, опустошена и напуштена стои како руина и ден денес, а сите вредни предмети од неа се однесени на непозната локација.
Групата „Есма’с Бенд Некст Џенерејшн“ предводена од еден од нејзините посвоени деца – музичарот Симеон Атанасов и единствената ќерка меѓу нив, пејачката Елеонора кои живеат и работат во Белгија, денес се сметаат за наследници на музичкото творештво на Есма. Тие истот ака го формираа и здружението „Есма – Крстосница на културите“ („Esma – Carrefour des cultures“), чија цел е промоција на ромската и балканската култура и музика во Европа и светот.
Фото: Инстаграм/#есмареџепова/#esmaredzepova и Фејсбук/Esma’s Band Next Generation