Мегафон
На 9. ноември во МНТ

„Песната, судбина“: Концерт на „Танец“ во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева

„Песната, судбина“: Концерт на „Танец“ во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева

Васка Илиева (1923 – 2001) е доајенка на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачки на народна музика. Оваа знаменита Скопјанка, својата музичка кариера ја започнува во 1950 година, токму во Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Со својот уникатен стил на изведба и неповторливиот глас, Васка Илиева многу брзо станува популарна и настапува на безброј концерти, не само во татковинатa, туку и во светот. И денеска, нејзините изведби на песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ се македонски песнопоен белег со трајни вредности за македонската културна историја. Оттука, заслужени се сите епитети со кои Илиева се здоби за време на својата долга музичка кариера, меѓу кои и „кралица на македонската народна песна“.
Концертот на Танец кој ќе се одржи во Македонски народен театар МНТ), на 9. ноември 2023 во 20 часот во чест на 100-годишнината од раѓањето на Васка Илиева е замислен како ексклузивна гала вечер, каде што солистите и ансамблите на НУ Танец ќе изведат петнаесетина антологиски песни од нејзиниот богат изворен, но и авторски репертоар, а ќе бидат прикажани и вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на чествуваната уметница.

„Не го пропуштајте овој редок настан, кој што изобилува со антологиски песни што се пеат од прва до последна. Дојдете во Домот на АРМ (9 ноември, 20 часот), заедно да ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето на „кралицата на македонската народна музика“, Васка Илиева.
Билетите ќе бидат од утре во продажба на неколку локации – Розе Веро 2 (Тафталиџе), ЈК Травел (ТЦ Бисер – Аеродром) и во книжарниците Literatura.mk, како и на онлајн сервисот: www.kupikarta.com
Ве очекуваме со нетрпение,
Ваш Танец“ – порачуваат од ансамблот.