Радио Милева
„Шоуто мора да продолжи“

Најтажната песна од „Квин“ ја крие вистината за тешката борба на Фреди со болеста и неговите последни денови

Најтажната песна од „Квин“ ја крие вистината за тешката борба на Фреди со болеста и неговите последни денови

Легендарната група „Квин“ беше еден од најпопуларните рок бендови којшто некогаш постоеше. Иако во текот на кариерата направиле многу хитови, сепак една песна посебно се издвоила.

„The Show Must Go On“ е песната која групата ја објавила на нивниот албум „Innuendo“ во 1991 година.

Таа станала една од најпознатите песни која одбележала цела една генерација.

Иако важи мислењето дека ја напишал Фреди Меркјури и дека таа претставува негова збогувачка песна, тоа е само делумно точно. Во суштина, основата ја напишал гитаристот Брајан Меј, инспириран токму од борбата на Меркјури со болеста, неговата храброст и истрајноста во последните денови од животот.

Меркјури боледувал од сида, иако тогаш официјално не се знаело тоа. Кон средината на 1991 година веќе бил толку болен што одвај одел, па Меј бил загрижен дали тој ќе биде физички способен да ја отпее поради тоа што таа е тешка песна. Затоа демо верзијата ја отпеал токму Меј иако морал да користи фалсет на одредени, превисоки делови од песната.

Меѓутоа, на изненадување на сите членови на групата, кога дошло време за снимање, Фреди влегол во студиото, испил малку вотка и рекол: „Има да ја отпеам песната, душо!“, и ја отпеал цела песна без грешка од прв обид.

„Почна и „растури“, целосно го „скина“ тој вокал“, изјавил Меј подоцна.

Потоа Фреди веќе бил преслаб за да сними спот, па за него не е направен нов материјал туку составен е колаж од спотови од групата меѓу 1981 до 1991 година.

Песната говори за животот на сцена воопшто, за тоа дека сите лични проблеми мора да се остават настрана кога се настапува, а текстот е полн со метафори. На крајот текстот зборува за одлучноста и желбата за живот „I have to find the will to carry on with the show“ (Морам да најдам волја за да го продолжам шоуто).

Џим Хатон, партнерот на Меркјури, во последните шест години од неговиот живот еднаш изјавил дека постои стих кој најдобро ги опишува последните денови од животот на Фреди.

„Според мое мислење стихот којшто најмногу е автобиографски е „My make-up may be flaking but my smile still stays on“. Беше тоа токму така. Без оглед на тоа колку на Фреди му беше лошо, тој никогаш не бараше никакво сочувство. Таа битка беше само негова и ничија и тој секогаш покажуваше храбро лице, без оглед на својата ситуација“, изјавил Џим во едно интервју во 1994 година.

За жал, Фреди не успеа песната да ја изведе во живо на некој настап. Починал на 24 ноември 1991 година недолго по објавување на албумот.

Тој и денес важи за еден од најдобрите пејачи кои некогаш живееле на планетата Земја.

фото:Јутјуб принтскрин/Инстаграм

Останати вести од Радио Милева