Мегафон
шампионка со патриотско срце

„Кога падна на Пирина“ ечеше на финале во Германија: Илина Соколовска со нови успеси по ритмичка гимнастика

„Кога падна на Пирина“ ечеше на финале во Германија: Илина Соколовска со нови успеси по ритмичка гимнастика

Гимнастичарката Илина Соколовска настапи  на големото германско финале  по ритмичка гимнастика, што се одржа во Вестербург – Германија, рамо до рамо со искусни спортистки, а и двата дена додека се натпреваруваше на финалето ечеше познатата македонска патриотска песна  песната „Кога падна на Пирина“.

Илина иако има само 16 години, сепак, поради нејзиниот талент, веќе неколку години се натпреварува и освојува медали во Бундес лигата, а сега се натпреваруваше со гимнастичарки над 20 години и го освои седмото место.

Во финалето дел се само најдобрите гимнастичарки од републичките натпревари во Германија, но, за жал, како што вели таа, иако е германско финале најголемиот дел од натпреварувачките биле од Украина и Русија.

– Сите натпеварувачки беа од бившите советски републики, но највеќе од Украина. Поради војната многу гимнатичарки заземаа место во германските клубови со што гимнастиката веќе е на повисоко ниво на квалитет. Јас иако имам 16 години, сепак, настапив во сениорска конкуренција. Бев најмала во првиот настап, а настапив со топка и кореографијата со македонската песна „Кога паднав на Пирина“ и добив висока оценка од судите, вели Илина и додава:

– Презадоволна сум, бев во конкуренција за првите три места. Следниот ден настапив со истата кореографија, бидејки дибив големи бодови од претходниот ден, но од судите бев изненадена, бидејќи добив четири поени помалку. Но, тоа е во спортот. Не сум разочарана, напротив задоволна сум и со овој успех. Бидејќи успех е да учествуваш во финале со најдобрите 15. Не е едноставно треба многу работа. Секој ден од 3-4 часа тренинг, некогаш и саботи, а понекогаш и до шест часа на ден. Но, трудот и напорот се исплатеа, дојдов до посакуваниот резултат, вели Илина.

Паралелно со ова Илина се подготвува и за Европското првенство, кое ќе се одржи во Будимпешта. Илина за прв пат ќе ја претставува Македонија.

– Ми се оствари сонот да ја претставувам Македонија на интернационален наптревар, да го развеам македонското знаме на големи натпревари, изјави претходно таа.