Радио Милева
Соработка за камбек...

Јован Јованов во дует со Пајак: Ремикс на „Магија“, песната што своевремено го вивна во естрадната орбита, по што тој дефинитивно се враќа на сцената? (ФОТО)

Јован Јованов во дует со Пајак: Ремикс на „Магија“, песната што своевремено го вивна во естрадната орбита, по што тој дефинитивно се враќа на сцената? (ФОТО)

Деновиве на социалните мрежи осамна заедничка фотографија од Јован Јованов и Пајак во студио, која веднаш ја заскокотка јавноста, па бројните фанови  посакаа да дознаат, што ли тоа се готви во „фабриката за хитови“  на Јованови?

Многумина веќе помислија дека се работи за нова песна на Пајак во продукција на Јован Јованов, кој своето доаѓање во Македонија (за време на деновите на фестивалот „Макфест 2023“) од Канада, каде што живее и работи последниве години, го искористил за соработка со Пајак. Не дека нема вистина во претпоставките, но сепак, на големо изненадување се работи за нешто слично, а сепак различно.

Имено, во прашање е дует и тоа во вид на ремикс на некогашниот мегахит „Магија“ на истоимената група која Јованов ја основаше и беше нејзин лидер со која победија токму на „Макфест“ во далечната  1998 година. Песна која се’ уше се слуша по  радиостаниците и ДЈ -ите ја пуштаат по кафулињата, дискотеките и ноќните клубови.

По желба и инсистирањена Пајак, Јован после 14 години повторно ќе запее: „Ќе ми треба магија…“ и тоа во дует со Пајак. Како што дознаваме за песната е направен и нов аранжман и целосно нова, модерна продукција од страна на неговиот брат, денес познатиот музички продуцент и аранжер Иван Јованов Ивајо. Песната заедно со видеоспот наскоро ќе биде промовирана во етерот. Како ли ќе звучат заедно со нетрпение очекуваат да слушнат и помладите и оние повозрасните. Или што би рекле, и ќерките кои растат со песните на пајак и мајките кои ги минуваа најубавите тинајџерски години со хитовите на „Магија“.

„Најавениот дует  би требало да биде едно убаво освежување за македонската музичка сцена, но и поттик за нови проекти за во иднина“ – кусо ни изјави Јованов, со што како срамежливо да го наговестува својот камбек, своето дефинитивно музичко и пред се пејачко враќање на македонската естрадна сцена? Дали е така, ќе дознаете во ексклузивното интервју на Јован Јованов за Вистина.ком.мк кое ќе излезе на денот на промоцијата и појавувањето во етерот на ремикс верзијата на „Магија„ отпеана во дует помеѓу Јован Јованов и Пајак.

Инаку во биографијата на Јован Јованов сти дека е композитор, продуцент, пејач… Основач и предводник на некогаш мегапопуларната тинејџерска атракција, групата „Магија“ (Јован Јованов, Дамјан Лазаров, Зоран Стаменковски и Дони Марџиев) која со истоимениот хит своевремено го освои фестивалот „Макфест“ во Штип во далечната 1998 година, а потоа и цела Македонија. Со години потоа „Магија“ растураа со своите хитови по радиостаниците, царуваа на топ листите, не се симнуваа од насловниците на тогашните списанија и магазини, хараа со настапи по клубовите и дискотеките низ Македонија.

„Магија“ во периодот на нејзиното постоење беше една од најпопуларните музички групи, особено кај помладата генерација, која воведе свежина на македонската естрада со трендовски песни, впечатливи кореографии и модерен, препознатлив стил. Младите генерации растеа со нивните хитови како “Магија” , “ДЈ”, Светло се Гасне” , “Помислувам на тебе”, “Низ оган да минувам”, “Кажи ми”… се до распадот на групата.

По нивното разидување тогаш веќе како зрел музичар,  продуцент, автор и пејач Јован Јованов успешно ја продолжи својата соло кариера нижејќи одново соло хитови и дует соработки и за себе и за сите оние кои ги правеше и дома и надвор од Македонија: Од Ноне и Елвир Мекиќ, до Тони Зен, Ламбе Алабакоски, Адријан Гаџа, Влатко Илиевски, Александар Белов, Врчак, Куку Леле, Слаткаристика, Некст Тајм или Бојан Маровиќ, Емина Јаховиќ… И така се до неговото повлекување од сцената и заминувањето најпрвин во САД, па во Канада каде и ден денес живее и работи како музички продуцент и е добитник на многу значајни награди и признанија во областа на тамошната музичка индустрија.

Иако далеку од дома, последниве две години Јованов се појавува како еден од клучните луѓе во реинкарнираниот фестивал на забавни песни „Макфест“ во Штип, како клучен член на Уметничкиот совет кој заедно со одбраниот тим ( градоначалникот Иван Јорданов, Александар Арсовски, Роберт Саздов, Антонио Димитриевски, Љубан Стамениќ, Ефтимија Јованова…) и музички, содржински, визуелно, организациски, медиумски… го „воскреснаа“ во моментов најстариот македонски музички фестивал.

Фото: Приватна архива

 

Останати вести од Радио Милева