Мегафон

Јелена Розга на 10-ти февруари со голем концерт во Арената „Борис Трајковски“

Јелена Розга на 10-ти февруари со голем концерт во Арената „Борис Трајковски“

Балканската музичка ѕвезда Јелена Розга има спектакл во најава.

Концертот е во склоп на турнејата „Минут срца мог“, а Розга во Скопје доаѓа по одличните музички спектакли во Белград, Загреб и Нови Сад. Концертот е во организација на Скајмјузик, а целиот спектакл ќе биде заокружен со нивната врвна аудио-визуелна продукција.

„Уште од сега имам трема, позитивна. Само да можете да замислите како ќе биде во последните десетина дена, па пет…, а како ли ќе биде тоа утро на денот на концертот… Утрата на денот кога имам концерт ми се најтешки. Ама сѐ се тоа слатки маки, живеам за публиката, за настапите и навистина со нетрпение очекувам да застанам пред македонската пулика и да го оставам срцето затоа што не постои настап овде кој не бил посебен“, рече Розга, која оваа турнеја ја подготвуваше долго со оглед на тоа дека меѓудругото има и 15 прилично комплицирани кореографии и неколку преслекувања на сцената.

„За оваа турнеја се подготвував со месеци и навистина сето ова што го направивме бара голема психичкофизичка подготовка. Имавме и имаме многу проби со танчарите заради кои, со оглед на тоа дека се од Словенија, постојано патувам во Љубљана и вежбаме со часови, но морам да ви признаам не ми е воопшто тешко затоа што ова го сакам, ова сум јас и многу ми е важно да нема грешки. Кога тргнавме да се подготвуваме реков – ‘Во ред, ќе работиме, но не смее да има грешки, не смее да има ниту погрешен тон’“, вели Јелена.

Што се однесува до музичкиот дел, како што на прес-конференцијата истакна Александра Тимковска, ПР на настанот, на репертоарот ќе бидат ставени сите најголеми хитови од соло кариерата на Јелена, но и оние од почетоците и времето кога беше дел од групата Магазин.

„Ваква Јелена немате видено, концертот изгледа светски и буквално совршено спакувана е секоја секунда од настанот кој трае речиси три часа“, рече Тимковска и додаде дека влезниците се пуштени во продажба преку www.efinity.rs, но и преку бесплатната апликација eFinity, како и преку веб-страницата www.kupikartizase.com и на сите нивни продажни места.

Билетите се продаваат по цени од 1000 денари за партерот, 1500 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1300 и 1800 денари, додека влезниците за ВИП делот се продаваат по цена од 2200 денари.

Концертот во склоп на турнејата „Минут срца мог“ е во организација на Скајмјузик продукција и ќе се случи на 10 февруари во арената „Борис Трајковски“!

фото:Приватна архива