Мегафон

Џој фест 2023: По 50 години  Здравко Чолиќ  со концерт во Крива Паланка

Џој фест 2023: По 50 години  Здравко Чолиќ  со концерт во Крива Паланка

Балканската ѕвезда Здравко Чолиќ  одамна не ја забавувал публиката во Македонија, уште пред короната.

Затоа, како што вели тој пред концертот на Joy fest , на овој настап ќе додаде енергија и магија на одредени песни.

-Во Крива Паланка сум бил во 70-тите години, на самиот почеток на мојата кариера. Настапував заедно со Маја Оџаклиевска и Кемал Монтено. Во тоа време работевме и патувавме многу, особено на југот на поранешна Југославија, кога ги посетивме речиси сите градови. Крива Паланка е историски град кој го паметам по прекрасниот манастир и мислам дека е дел од регионот познат по рударството, вели Здравко и додава:

-Драго ми е што работите конечно се средија и што по долго време се вративме пред македонската публика. Во нашата стандардна поп-програма, која ќе ја слушне и публиката во Крива Паланка, има сплет на песни кои претставуваат вистинска музичка временска машина низ мојата педесетгодишна кариера, а судејќи според реакциите на публиката, би рекол дека секоја избрана песна го има своето заслужено место на таа листа и дека публиката е многу среќна што ја пее со нас. Доаѓаме во голем ансамбл, со бенд од 12 члена, танцова група која на свој начин ќе разубави и додаде малку енергија и магија на одредени песни, а носиме и интересно гудачко трио кое ќе претстави некои од моите песни кои вообичаено не ги изведуваме на малку поинаков начин. Сигурен сум дека не очекува посебна вечер на музика и дружење, вели тој.

Пред големиот концерт на градскиот стадион во Крива Паланка, кој е во рамките на Joy fest, Чолиќ ги откри и плановите.

-Во моментов сме посветени на завршување на нови песни и издавање на нов албум. Ако се оди според планираното, ќе објавиме неколку синглови, а потоа и целиот албум до пролет. Потоа следи концертна промоција во бројни земји и градови. Секако, Македонија е неизбежна на таа листа и верувам дека наскоро ќе се дружиме не само во Скопје, туку и во другите градови во кои секогаш со задоволство се враќам, вели Здравко, а на жителите на Крива Паланка им порача:

-Драги мои Паланчани, среќен сум што после многу години конечно се враќам во вашиот убав град и што заедно со песна ќе го прославиме празникот Успение на Пресвета Богородица. Ќе се погрижиме за најдобрата атмосфера, а се надевам дека ќе не послужи и убавото време и дека во Крива Паланка ќе дојде драга публика и нашите пријатели од другите градови од Македонија, Србија и Бугарија. Крива Паланка, те сака и те поздравува твојот Здравко Чолиќ, додаде тој на крајот.