Радио Милева
„зошто да (не) се урива“?

Сите се против уривање на “Универзална сала“, само Миро Кацаров – „ЗА“, а еве и зошто: Петре Шилегов го вработи во „Универзална сала“ портпаролот на коалициониот партнер – ЛДП, само еден месец пред изборите

Сите се против уривање на “Универзална сала“, само Миро Кацаров – „ЗА“, а еве и зошто: Петре Шилегов го вработи во „Универзална сала“ портпаролот на коалициониот партнер – ЛДП, само еден месец пред изборите

Идејата која ја промовираа поединци од градската власт на чело со скопскиот градоначалник Петре Шилегов за уривање на „Универзална сала“ и распишаниот конкурс за правење на некаков парк со летна сцена на нејзината локација, предизвика бура во јавноста која се’ уште не стивнува. Покрај негодувањата на народот, секојдневно се јавуваат со свое мислење и став и јавните личности, најмногу уметниците од разни области: музичката, драмската, балетската… на кои и најмногу и најчесто „Универзална сала“ им била втор дом, местото каде или поникнале и започнувале или каде ја овековечиле својата кариера со фестивалски, соло, настапи на разни манифестации, збиднувања, настани, престави…

Не помалку гласни се и новинарите и радио и ТВ водителите кои ја третираат културата и естрадата, но и разни автори: композитори, текстописци, аранжери, музички и извршни продуценти, сценаристи, режисери…

Медиумите на „случајот „Универзална“ секојдневно му даваат полн третман, па така деновиве порталот „Вечер прес“ третирајќи ја темата направи своевидна анкета со изјави на јавните личности, меѓу кои имаше и познати пејачи, музичари, текстописци, ДЈ-и, новинари, музички работници… И сите до еден во своите изјави беа на став дека „Универзална сала“ не треба да се урива, туку или да се реновира постојниот објект или да се возобнови одново на истата локација, но никако да се дислоцира и на тоа место да се гради некаков парк!

Сите до еден, освен ЕДЕН – ТВ водителот Мирослав Миро Кацаров, кој во својата изјава децидно вели:

„Зошто да не се урива? Ќе се изгради нова, најмодерна, најграндиозна на Балканот. Далеку поубава од оние во Загреб и Белград или Софија. И на нова локација ќе биде. Верувајте, Градоначалникот има одлична идеја заедно со архитектите.“

Легитимно е секој да има право на свој став и свое мислење и тука нема ништо спорно, освен едно нешто. Оддамна е познато дека штипјанецот Миро Кацаров не е само лице од ТВ екраните, туку и политички функционер, односно портпарол на Либерал – Демократската Партија (ЛДП), која како „цврст приврзок“ е коалиционен партнер на владеачката СДСМ, од чии редови е градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а „Универзална сала“ како што е познато е под капата токму на градската власт.

Но, причина повеќе во изјавата на водителот: „Зошто да не се урива?“  е и нешто друго, што малкумина во јавноста го знаат. Имено, партиските вработувања пред избори станаа фолклор на власта, стил на живот, начин на работа и однесување, па така скопскиот градоначалник Петре Шилегов само еден месец пред тукушто завршените вонредни парламентарни избори 2о2о, ќе го вработи Мирослав Миро Кацаров – портпаролот на својот коалиционен партнер ЛДП, токму во „Универзална сала“ на позицијата: Соработник за сценско-музичка дејност, за плата од околу 400 евра!

И не само него, туку уште три други лица, што значи вкупно четворица нововработени на 30 дена пред избори во сала што не работи и сакаат да ја уриваат!? Нелогично и трагикомично!

Затоа ТВ водителот, партиски портпарол, а отсега и Културно-Уметнички Работник, со глава и брада, со раце и нозе, а Бога ми и нокти го брани ставот на „братот“ од челната фотелја на градската власт!

Патем, заради пропустите во процедурата на директорот на „Универзална сала“, (кој е исто така нивно кадровско решение)  и необезбедената финансиска согласност од Министерството за финансии на Македонија за вработување на Кацаров и останатите тројца, настанал правен вакум, па вработените во „Универзална сала“ неколку месеци пред изборите не можеле да земат плата! Случка која исто така претходно осамна во јавноста.

Останати вести од Радио Милева