Радио Милева
гимнастичка „принцеза“

Илина Соколовска – македонско девојче, шампионка на германска земја (ФОТО)

Илина Соколовска – македонско девојче, шампионка на германска земја (ФОТО)

Малата Илина Соколовска (14) е пример за уште една успешна македонска приказна надвор од границите на државата. Таа со нејзиното семејство живее во германскиот град Билефелд, каде ова талентирано македонско девојче ниже успеси за Германија, но сонува еден ден македонското знаме да го вее на Олимпијада. И ако се погледнат нејзините досегашни успеси во ритмичка гимнастика, несомнено дека овој сон лесно може да и се оствари.

По неполна деценија занимавање со овој спорт, нејзиниот дом е преполн со пехари, кои минатата година и го отворија патот да почне да се натпреварува и во Бундес лигата. И таман почна се’ да се одвива  како што треба, се случи корона пандемијата, која го застана животот во целиот свет.

Но, Илина и покрај стопирањето на натпреварите не застанува. Нејзиниот живот продолжи со тренирање, за да биде подготвена, кога повторно животот ќе се врати во нормала и ќе почнат натпреварите.

„Од февруари до октомври немавме никаков настап. Цела година чекав да се натпреваруваме. Пред десеттина дена се случи еден клупски натпревар, убаво беше, но откажаа многу клубови од Бундес првата и втора лига. Мојот клуб учествуваше, запазувајќи ги сите протоколи за заштита. Мојот клуб се вика СГ Гутерслох- Билефелд, и клубски се натреварувавме. Секој сам танцуваше и на крај со вкупно 80 поени како клуб го освоивме петтото место. Имаше посилни клубови од нас, се натреваруваат на интернационално ниво. Требаше и деновиве да има уште еден натпревар, но поради короната и тој е откажан“ – вели Илина, која пред неколку години на интернационален натпревар во Украина ја освои титулата „принцеза“, освојувајќи најмногу поени.

Иако нема натпревари Илина, како и нејзината помала сестра Ева (10), која исто така е гимнастичарка, продолжија да тренираат. Додека беше топло времето тренирале во природа, но сега тренинзите ги прават дома, секој ден по неколку часа.

„Многу ни е тешко што не можеме да спортуваме. Сестра ми Ева дури и плачеше бидејќи за следните четири недели се откажани тренинзите и затоа ќе тренираме дома, во дневната соба, бидејќи надвор е веќе студено. Од март до јуни вежбавме така, малку дома, малку надвор. Кога не ослободија многу се израдувавме дека ќе продолжиме со натпреварите, но ете пак не затворија. Сега само одиме на училиште,цело време со маски и со постојано отворени прозорци и врати. На часови седиме со јакни, капи, шалови или ќебе врз себе. Напорно е ама мора да се издржи. Одам во деветто одделени и најдобра сум во класот. Паралелно вежбам и учам. Обврските со спортот и натпреварите не ми пречет на училишниот успех.  А имам време и за другарките. Секогаш прво е учењето, па потоа дружењето“ – вели Илина.

Сонот на секој спортист, па и на Илина е успех и само успех. Но најголем сон и е да ја однесе Македонија на Олимпијада, кој ако продолжи со трофеите, како и до сега, секако дека ќе и се оствари. Иако таа се натпреварува за Германија, сепак, засега го има само македонскиот пасош, па оттаму и надежта дека еден ден ќе ја однесе својата татковина на најголемото спортско натпреварување.

„Јас отсекогаш сонувам да одам на Олимпијада и се надевам дека ќе успеам. Сега се натпреварувам со многу силни гимнастичарки, кои се постари од мене. Но, тоа ми е мотивација повеќе. Да бидам уште подобра. Кога бев мала, уште во градинка ги гледав девојчиња како вежбаат и гледав колку убави фустанчиња имааат. Така го засакав овој спорт. А потоа, кога почнав да вежбам и да се натпреварувам и да редам успеси уште повеќе почнав да го сакам. Засега имам над осум натпреварувачки фустани, кои веќе ми се мали. Сите од клубот одиме кај една жена која е од Русија и по наша желба ни ги прави“ – вели македонската шампионка на германско тло.

„Пред компјутер сум само кога морам. Кога е потребно од училиште. Затоа сакам да им порачам на моите врсници да си размислат дали тоа ќе им помогне во животот и каков успех ке имаат ако по цел ден седат пред комјутер и затворени дома.  Јас најмногу сакам биологија и хемија. Мислам дека кога ќе престанам професионално да се занимавам со гимнастика тоа ќе ми биде животна преокупација, можеби и професија. Сега по 3-4 часа дневно вежбам, после училиште прво јадам, па пишувам домашна и потоа тренирам. Па пак продолжувам со домашното и потоа одморам. Сакам и јазици, покрај македонскиот и германскиот јас паралелно ги учам и англискиот и францускиот. За се’ се наоѓа време“ – вели таа.

До минатата година Илина едвај чекаше да дојде лето, за да дојде во Скопје. И додека беше тука на одмор, таа постојано тренираше.

„Ми се доаѓа во Скопје многу. Цела година чекав да дојде летото и многу ми беше жал што летово не можевме да дојдеме. А многу сакав кај баба и дедо, кај Нате братучетка ми, кај стрина и чичо. Сакам да ги видам сите, но место тоа, сега комуницираме само по телефон. Се надевам дека до следното лето ќе се вратиме во нормала и се’ ќе биде како порано“ –  вели со надеж Илина, македонската шампионка која ниже успеси на германска земја.

Останати вести од Радио Милева