Љубов и Секс

Како да разговарате на тема секс со вашата ќерка?

Како да разговарате на тема секс со вашата ќерка?

Сексот денес е насекаде околу нас, а сепак на повеќето родители на нашите простор им е тешко да разговараат отворено на оваа тема со своите деца. Во минатото родителите редовно ги избегнувале ваквите деликатни разговори, но времињата се менуваат и денес сè повеќе родители сфаќаат дека тие се од суштинска важност за развивањето на комплетна возрасна личност.

Ако вашата мајка не ве подучувала за сексот, не значи дека и вие треба да го прескокнете тој дел од воспитувањето на вашите деца. Некои луѓе сè уште погрешно сметаат дека зборувањето за сексот може да ги опушти децата и тие порано да започнат со сексуалните авантури. Но, вистината е дека сексуалното образование всушност ги прави тинејџерите попретпазливи. Без срам и наоружани со информации, разбирање и соодветни совети, треба редовно да зборувате со вашите деца за сексот.

Мајка и ќерка

Запомнете дека родителите се најдобрите учители на своите деца, па вие најдобро ќе се справите со задачата сексуална едукација на вашата ќерка. Во продолжение дознајте кога и како е најдобро да започнете да разговарате за секс со вашата ќерка и прочитајте совети како тие дискусии да поминат без зацрвенување на образите.

КОЈА Е НАЈДОБРАТА ВОЗРАСТ ЗА РАЗГОВОР НА ТЕМА „СЕКС“?

Според експертите, родителите и децата уште од најрана возраст често треба да имаат мали разговори на тема секс, а не да го чекаат идеалниот момент за да се впуштат во еден долг официјален разговор.

Децата од мали нозе, најчесто околу 5 годишна возраст, започнуваат да поставуваат прашања за своите гениталии. Грешка на родителите е што на гениталиите гледаат само како на органи за секс, а не како делови од човечкото тело, па често ги избегнуваат и игнорираат таквите прашања. Сепак, неопходно е децата да научат основни нешта за своите полови органи (на пример, како се нарекуваат, дека се различни кај момчињата и девојчињата и сл.), затоа што тоа ќе ги подготви за понатамошните разговори на тема секс.

Зачестени разговори за сексуална едукација се препорачуваат во периодот кога децата се на возраст од 11 до 14 години, затоа што тогаш тие се најотворени за разговор поврзан со сексот. Ако го пропуштите овој период, вашето дете веќе ќе има изградени ставови врз кои вие нема да можете лесно да влијаете.

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА РАЗГОВАРАТЕ СО ВАШАТА ЌЕРКА ЗА СЕКСОТ?

Девојчињата се особено таинствени кога се работи за нивниот сексуален живот, а тоа е така поради стравот да не ги разочараат своите родители или тие да не им судат за нивните одлуки. Истражувањата покажуваат дека 40% од тинејџерите веќе имале сексуални односи пред да разговараат со своите родители на таа тема. Исто така, податоците укажуваат на фактот дека најголем дел од тинејџерите пред да го завршат средното образование веќе имале некаква форма на сексуална интимност.

Одржувањето на врската родител-тинејџер е клучна во овој период од животот на детето. Експертите советуваат дека искрениот и навремен разговор со вашата ќерка ќе го спречи раното сексуално експериментирање, ќе ги намали шансите за незаштитен секс и ќе го намали високоризичното сексуално однесување.

СОВЕТИ ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА РАЗГОВОР НА ТЕМА „СЕКС“

Најлошиот начин да ги започнете подлабоките разговори за секс е да направите да изгледаат официјални. Ако ја викнете вашата ќерка во спалната, ја затворите вратата и започнете да ѝ зборувате за сексот, веројатно ќе ја уплашите, ќе предизвикате кај неа срам и таа ќе започне да се однесува дефанзивно.

Експертите препорачуваат разговорите да се водат постепено и да се користи секоја можна прилика за иницирање на мини секс-разговори, сè со цел вашата ќерка да се опушти и да почувствува дека секогаш може да ги води овие разговори со вас, а не само кога ќе ја затворите вратата од спалната соба.

Првиот чекор е најтежок за родителите кога треба да започнат да зборуваат на тема секс. Еве како полесно да го направите:

  1. Искористете ги медиумите. Кога и да видите нешто на тема секс на ТВ или на интернет, искористете го како почетна точка на вашиот разговор. Прашајте ја вашата ќерка кое е нејзиното мислење за тоа, а потоа навлезете во позадлабочен разговор. Пошегувајте се за она што го гледате, или за нечија постапка, за да можете и двете да се опуштите.
  2. Направете кино маратон. Намерно изберете тинејџерски филмови во кои има сцени поврзани со сексот и иницирајте филмски маратон со вашата ќерка. За време на сцените прашајте ја што мисли за однесувањето на ликовите, како таа би постапила доколку би била на местото на Х и сл.
  3. Создајте си ритуали за да поминувате повеќе време заедно. Ако си создадете ритуали како прошетка низ продавници во сабота или заедничко готвење во недела навечер, не само што ќе имате повеќе време насамо со вашата ќерка, туку и ќе станете поблиски со неа. Овие моменти ќе ви помогнат полесно да им пристапувате на деликатните теми.
  4. Разговарајте додека сте во автомобил. Експертите сметаат дека одлично време за разговор може да биде додека патувате со автомобил, бидејќи вашата ќерка ќе има слобода да го избегнува контактот со очите и ќе се чувствува поопуштено.
  5. Први вие споделете го своето мислење на одредена тема. Споделете ги вашите чувства или размислувања за одредена случка или настан поврзан со сексот, а потоа побарајте од ќерка ви да го стори истото.
  6. Започнете од нејзиното друштво. Поставете прашања како: „Дали некоја од твоите пријателки зборувала за секс?“„Што мисли таа за него?“, „Дали таа е сексуално активна?“„Што мислиш ти за тоа?“ итн.

РАБОТИ КОН КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПРИДРЖУВАТЕ ЗА ВРЕМЕ НА РАЗГОВОРОТ

  1. Пронајдете баланс помеѓу улогите на мајка и пријателка. На вашата ќерка во тинејџерските години не ѝ треба уште една пријателка во списокот. Нејзе ѝ е потребна мајка која ќе ја информира и подучува. Понекогаш мајките во обид да се спријателат со своите деца, стануваат премногу љубопитни и навлегуваат во личното пространство на своите деца. Тоа најчесто има негативни последици на комуникацијата.
  2. Бидете отворени и не ѝ судете. Ако вашата ќерка почувствува дека имате улога на судија, а не на мајка, таа ќе започне да гради меѓу вас „ѕид“ кој нема да можете лесно да го срушите. На пример, прашањата „Што се случи на забавата вчера?“ или „Зошто го направи тоа?“ би имале лош ефект врз вашиот разговор.
  3. Споделете дел од своето искуство. Споделувањето на вашето лично искуство исто така може да помогне при разговорот. Но, внимавајте колку споделувате – споделете доволно, но не и премногу.
  4. Бидете подетални. Доколку разговарате само општо за сексот, на вашата ќерка можеби ќе ѝ биде непријатно да ви постави подетални прашања. Започнете да зборувате на поконкретни теми, но постојано набљудувајте го говорот на телото на вашата ќерка. Доколку почувствувате дека ѝ е непријатно или дека не сака да разговара на одредена тема, оставете ја за друг ден.
  5. Вметнете едукативни информации. Најдете корисни и едукативни информации поврзани со сексот и вметнете дел од нив во вашиот разговор. Не користете поими кои не знаете што значат. На пример, ако зборувате за сексуално преносливи болести (СПБ), научете кои се најчестите такви болести, која е најдобрата заштита од нив итн.
  6. Не кружете само околу биолошката страна на сексот. Вашата ќерка не треба да се чувствува како да е на час по биологија и да слуша само за јајници, матка, СПБ и сл. Многу е важно да зборувате за чувствата, врските, желбата за секс, сексуалното задоволство, затоа што само така вашиот разговор навистина ќе биде близок до животот на вашата ќерка.
  7. Бидете трпеливи. Никогаш не очекувајте дека ќе добиете одговор на секое поставено прашање или дека вашата ќерка веднаш ќе одговори на него. Сексот не е едноставна тема и бара многу трпение и упорност од ваша страна.
  8. Не ги кажувајте само негативните страни. Ако сакате вашата ќерка да прерасне во сексуално едуцирана личност, не зборувајте само за болести и не ја плашете со разговори дека несаканата бременост може да ѝ го уништи животот. Кажете ѝ дека сексот е природна работа која може да биде прекрасно искуство, но ако ја направиме со вистинската личност и во вистинското време.
  9. Не ја убедувајте да почека само преку заплашување. Сигурно сте слушнале за стотици случки кои можете да ги искористите за да ја заплашите вашата ќерка да не избрзува со сексот. Но, можете да ја убедите да почека и преку позитивен разговор. Објаснете ѝ дека и нејзе ќе ѝ биде поубаво да го направи тој голем чекор кога навистина е подготвена, дека во тинејџерските години е многу важно да не се избрзува затоа што хормоните може да ја поттикнат да направи грешка и сл.
  10. Подгответе ја за притисокот од врсниците. Особено важно е да ѝ објасните на вашата ќерка дека веројатно ќе чувствува притисок од своите врсници за да експериментира сексуално, но дека треба да биде доволно самоуверена и цврста за да не потпадне под нивно влијание. Притисокот може да биде во различни форми. На пример, може нејзиното момче да ѝ вели дека сите имаат секс и дека не треба уште да чекаат или пријателките да ѝ велат дека крајно време е да ја изгуби невиноста.
  11. Не покажувајте срам од темата. Ако вие се срамите да разговарате на оваа тема, не очекувајте вашата ќерка да зборува отворено на истата. Многу е важно ќерка ви да гледа дека за вас сексот не е табу тема и дека сексуалноста е нормална.
  12. Покажете дека секогаш сте отворени за разговор. Кажете ѝ на вашата ќерка дека секогаш ќе бидете тука за неа и поттикнете ја кога има некакво прашање прво да се обрати кај вас.
  13. Користете „сојузник“. Веројатно ќе има теми на кои вашата ќерка сепак нема да сака да разговара со вас. Тоа е нормално. Затоа, добро е да имате „сојузник“ кој ќе ја советува кога вие нема да можете, како на пример повозрасна сестра, помлада тетка, блиска братучетка и сл.
To top