Ако одлучите да поднесете барање за развод, ќе отворите простор за низа нови проблеми – од составување на договор за старателство до договарање околу тоа кој ќе остане во заедничкиот дом, а кој ќе бара друго место за живеење. Затоа, клучно е да бидете реални и да знаете дека тргнувате по тој пат затоа што едноставно немало излез.
Се надеваме дека овие знаци ќе ви помогнат подобро да размислите дали е време за развод или сепак, сѐ уште има надеж да се свртат работите на подобро.
1. Не се расправате, но слабо комуницирате
Ако порано постојано сте се карале, преминувањето во фаза во која воопшто не комуницирате еден со друг може да се доживее како извесно олеснување, но исто така може да значи дека и двајцата сте се откажале од меѓусебното разбирање. Главниот знак за узбуна е кога вашиот партнер не сака да разговара за вашите проблеми или не ја прифаќа вашата идеја за посета на стручно лице за заедничко работење на вашите недоразбирања.
2. Се чувствувате рамнодушно
Долгото чувство на рамнодушност кон сопружникот е главен знак дека во вашиот брак нешто не е како што треба. Кога ќе престанете да се грижите што другата личност во бракот мисли или чувствува, веќе сте ја изгубиле способноста меѓусебно да се слушате и да се поврзете – нешто што нема лесно да се поправи.
3. Огорчени сте заради вашиот однос
Ако во начинот на којшто го гледате партнерот почнале да надвладуваат негативните мисли, нештата може да водат кон развод. Наместо да чувствувате наклонетост, се чувствувате огорчено и се сожалувате самите себеси заради лошата врска. Тоа автоматски се поврзува со фактот дека повеќе не сакате да разговарате за проблемите бидејќи веројатно сте претерано лути, огорчени или уште полошо – рамнодушни.
4. Не постои физичка интимност
Не е тајна дека сексот се менува по влегувањето во брак. Ако не сте научиле како да го одржувате својот сексуален живот, отворате рана во врската која може да придонесе за неверство. Ако сакате да се разведете заради недостаток на секс во бракот, секогаш можете да побарате советување за да дознаете што е причината за оваа појава. Но, ако сте дојдени до точка кога вашиот партнер веќе не ве ни привлекува, голема е веројатноста дека разводот би бил следниот логичен чекор.
5. Веќе нема ни емотивна интимност
Чувството дека сте блиски со вашиот долгогодишен партнер е дури и поважно од физичкиот аспект на врската. Недостатокот од емотивна интимност е подеднакво голем проблем како и недостатокот од секс. Ако се чувствувате како да не можете да се поврзете со вашиот партнер на подлабоко ниво или пак едноставно не сакате – тоа значи дека веќе сте изгубиле важен дел од бракот.
6. Вие сте само родители, а не и партнери
Ако сте се фокусирале само на создавање семејство и одгледување деца, а вашиот меѓусебен однос сте го заборавиле негде во процесот, може да дојдете до сознанието дека тој е сосема изгубен. Вашата врска како сопружници е од витално значење. Таа е темел врз кој се гради семејството. Ако толку многу сте се внеле во улогата на родители што сте заборавиле на вашата улога на партнер во бракот, интензивното чувство на фрустрираност и занемареност може да надвладее и да сигнализира потреба од крај.
7. Не можете да избегнете драма
Луѓето кои имаат израснато во домаќинства каде што родителите создавале многу драми, веројатно ќе бидат склони кон истото кога ќе се раздрмолат нештата во нивниот брак. Карање, ладна тишина, заминување и враќање – вакви драми никогаш не се потребни. Ако не знаете како да седнете и да разговарате за проблемите и за нивното решавање како возрасни личности, драмите ќе го уништат вашиот однос и можат да доведат до развод.
извор:кафепауза.мк