„Не се загрижувај! Кога ќе имате дете, ќе се зближите повеќе“, „Откако ќе заврши медениот месец, збогувај се со возбудливиот секс“, „Кога ќе стапите во брак, тој ќе се смири и ќе стане поодговорен“, „Честите расправии се сигнал дека сте на пат кон развод“, „Ако се сакате, ништо друго не е важно“…
Веројатно сте слушнале некое од овие тврдења и „совети“ за бракот. Јасно е дека тие се многу распространети, но прашањето е колку вистина се крие во нив.
Еве зошто не треба да верувате во следниве погрешни тврдења за бракот:
1. Бракот ќе донесе позитивна промена кај партнерот
Веројатно сте го слушнале советот: „Не се загрижувај, кога ќе се земете, ќе стане поодговорен/повнимателен/посмирен…“. Во реалноста луѓето многу малку можат да се променат по стапувањето во брак, затоа што се возрасни личности кои имаат изграден карактер. Изговарањето на судбоносното „Да“ нема да го натера него да се претвори во ангелче. Ако претходно му „шарале“ очите, ако претерувал со алкохолот или ако се однесувал насилно кон вас, влегувањето во брак нема да му ги искорени тие навики.
2. Неверството може да се случи само во лош брак
Аферата може да ги разниша и најсреќните бракови. Доволен е само еден момент на слабост, само една брачна криза, за некој од партнерите да направи грешка. За жал, никој не е имун на неверството, па ниту најсреќните и најзаљубените брачни партнери.
3. Бракот значи помалку секс
Илјадници шеги, филмови и серии на еден или на друг начин го поврзуваат бракот со лош сексуален живот или отсуство на секс. Да, во бракот има „сушни“ периоди за време на кои сексот не им е приоритет на брачните партнери, како на пример во текот на бременоста и по породувањето, но тоа не значи дека бракот е убиец на сексуалниот живот. Истражувањата покажале дека луѓето во брак имаат исто толку добар сексуален живот како и оние кои не се во брачна заедница.
4. Бракот е рецепт за здодевен секс
Освен митот за нередовен секс, доста распространет е митот дека сексот во бракот не е возбудлив и станува здодевен. Вистината е дека со текот на времето партнерите стануваат поблиски и повеќе се ослободуваат, па и повеќе експериментираат во спалната, што води до пожежок секс. Истражувањата покажуваат дека жените кои се во 30-ите и 40-ите години од животот повеќе уживаат во сексот отколку жените кои се во своите 20-ти, бидејќи тогаш имаат поголема самодоверба и повеќе му веруваат на својот партнер. Исто така, докажано е дека жените доживуваат и повеќе оргазми кога се со партнер со кого се подолго време заедно.
5. Бракот е лек за осаменоста
Многу погрешно тврдење. Вие и само вие сте одговорни за тоа како ќе се чувствувате. Навистина, кога имате партнер покрај себе многу е полесно да ја победите осаменоста, бидејќи тој е тука да ве заштитува, расположува и охрабрува, но ставањето на бурма на раката не е сигурен лек за осаменоста. Бракот можеби ќе придонесе да не бидете сами, но тоа не значи дека ќе исчезне чувството на осаменост. Вие може да седите прегрнати со некого и сепак да се чувствувате осамени.
6. Омажена жена = домаќинка
Современата жена веќе докажала дека ова тврдење е само мит. Современото семејство функционира на принципот на заедничко исполнување на домашните обврски. Денес жената не е само домаќинка и мајка, туку таа гради и сопствена кариера. И веќе крајно време е да се ослободиме од балканскиот менталитет дека мажот е маж и дека не треба да мие чинии. Обврските во домот треба да бидат распределени, а не домаќинската работа да паѓа само на грбот на жената.
7. Вашиот партнер ќе ви каже ако не се чувствува среќен во бракот
Многу брачни партнери се плашат да прозборат во моментите кога не се чувствуваат среќни, бидејќи очекуваат негативна реакција. Затоа, решаваат да ги потиснат таквите чувства и да премолчат. Но, за жал, престорувањето дека сè е во ред во бракот може трајно да ѝ наштети на врската. За да не се дојде до ваква ситуација, партнерите треба редовно да разговараат отворено на сите теми.
8. Конфликтите го уништуваат бракот
Добар брак не значи и брак без конфликти. Погрешно е да си мислите дека среќните брачни партнери не се расправаат. Тие се расправаат, но знаат како тоа да го направат фер, без да се навредуваат и знаат како да стигнат до прифатливо решение на проблемите. Ним не само што конфликтите што не им го уништуваат бракот, туку им го зацврстуваат. Секогаш се појавуваат несогласувања, без разлика дали сте во брак само неколку месеци или неколку децении. Важното е како им приоѓате и како и дали ги расчистувате.
9. Бракот се подобрува со доаѓањето на децата
Децата ги зближуваат партнерите на многу начини, но нивното доаѓање на свет само по себе не го подобрува бракот. Иако децата се најдрагоценото нешто во бракот и носат многу радосни моменти, нивното растење и воспитување во современото општество го исправува бракот пред голем предизвик. Уште по раѓањето, обврските околу детето се приоритет и многу брачни парови ги запоставуваат своите љубовни односи. Токму поради тоа, ако немате добар брак пред доаѓањето на детето, уште потешко ќе ви биде да си ги подобрите односите по станувањето родител.
10. Паровите кои поминале низ тестот „заедничко живеење пред брак“ имаат поголеми шанси за подолг брак
„Никогаш не можете да знаете каков точно е еден човек ако претходно не сте живееле со него.“ Да, има многу вистина во ова тврдење, но живеењето заедно пред брак не е гаранција дека ве очекува светла брачна иднина. Многумина се уверени дека предбрачното живеење заедно е добар тест за тоа колку успешен би бил бракот и сметаат дека кога веќе еднаш бракот е „тестиран“, би требало да трае подолго. Ова е само уште еден мит за бракот. Експертите се убедени дека сите бракови имаат еднакви шанси за успех.