Кога ќе го слушнете зборот „заљубување“, сигурно прво ви паѓаат пролетта или летото на памет, како идеални годишни времиња за барање на сродната душа. Но, додека го прочитате овој текст до крај, мислењето целосно ќе ви се промени и ќе сфатите зошто токму зимата е најповолното време во годината за заљубување!
Имено, истражувањата покажале дека врските што започнуваат во зимските месеци траат подолго и најчесто се многу поквалитетни. Причината е прилично очигледна – во топлите месеци љубовта често се меша со страста. Флертувањето на плажата во бикини или во ноќниот клуб со мини здолниште неретко страсно започнува, но и страсно завршува.
Од друга страна пак, флертувањето во зимата е малку поинакво. Сите сме наоблечени во неколку слоеви облека, а влегувањето во топла просторија по мрзнењето надвор ќе го натера вашето тело да отпушти добра доза ендорфини, притоа опуштајќи ве и помагајќи ви да уживате во подлабоки разговори, надминувајќи ја границата на обичниот флерт.
Вие повеќе ќе се сосредоточите на разговорот, однесувањето и навиките на личноста со којашто сте на состанок одошто на нејзиниот физички изглед. На тој начин подобро ќе се запознаете и побрзо ќе знаете дали вреди да започнете врска или не. Па, ако личноста со којашто моментално се гледате ви изгледа совршено за вас – сега е вистинското време за преземањето на следниот чекор!