Љубов и Секс

Зошто вашите врски не траат подолго од 6 месеци?

Зошто вашите врски не траат подолго од 6 месеци?

Дали ја саботирате секоја ваша врска? Дали секогаш се заљубувате во невозможни мажи? Дали вашите врски завршуваат секогаш кога имате илузија дека тој е вистинскиот? Можеби и бил вистинскиот, но вие не сте верувале доволно или можеби постојат грешки кои ги правите во една врска, па во друга и не можете да бидете вистински среќни.

Ова се најчестите грешки кои ги правите и кои треба да ги избегнувате како чума.

 

Мислите дека постои принцот на бел коњ

Принцот на бел коњ не постои во реалниот живот и би требало веќе да го знаете ова, но сепак во вашата глава постои илузијата за овој нереален сон. Во првите месеци, сè е розово и ви цветаат цвеќиња, но при првата грешка, при првата тешкотија, вашиот замок заедно со вашата бајка се руши пред нозете на среќната принцеза. Колку подолго живеетe во својот розов свет и мислите дека принцот ќе се појави од некаде, вашите врски кратко ќе траат. Не постои човек без мани и без темни страни. Доколку не можете да го прифатите тоа, постојано само ќе влегувате од врска во врска.

Бегате при првиот проблем

„Не, не можам повеќе! Не е така како што си замислував и ништо не функционира. Не го сакам повеќе!“

Ова важи и за жените и за мажите, кои во првиот момент кога станува малку потешко, тие си заминуваат од врската. Штета што животот е полн со компромиси и со препреки кои треба да ги надмините. Доколку решите да ја прекинете врската по некое време, откако сте направиле сè и сте заклучиле дека не ви одговара е во ред, но доколку имате само мал сомнеж треба да се борите и да се обидувате повторно сè додека немате цврста основа врз која ќе ја донесете вашата одлука.

Го слушате само тоа што сакате да го слушнете

Повторувањето на „јас, јас, јас, јас, јас, јас, јас, јас“ нема никаде да ве однесе. За една врска се потребни двајца, вие не сте сами и вашиот партнер не постои на овој свет само за да ги исполнува вашите потреби, а истото важи и за него. Не може да постои само едно мислење.

Се плашите

Стравот е вашиот најголем непријател. Врските кои се водени од ова чувство, можат да завршат и побрзо отколку што мислите. Разочарувањата од минатото ја зголемуваат несигурноста, го вклучуваат вашиот внатрешен аларм и сè станува параноја и опсесија. Ако секој ден повторувате дека вашата врска ќе заврши, голема е веројатноста дека токму тоа ќе се случи. Затоа, обидете се да живеете поспокојно и доколку има проблем да го решите разговарајќи отворено за тоа.

Не сте самокритични

Секогаш е полесно да бидете жртвата во ситуацијата, да бидете во право и секогаш да бидете повредената страна отколку да преземете одговорност за тоа што ви се случува. За една врска да трае, треба да се ставите и на местото на партнерот, да се обидете да ги разберете причините за неговото однесување, но истото треба да го направи и тој.

Го идеализирате

Ако се заљубувате во идејата за совршен и идеален партнер, а не во личноста пред вас, на крај ќе сфатите дека токму таа личност не е таква каква што сте си замислувале и врската ќе заврши. На почетокот на една врска, никогаш не треба да ја идеализирате личноста. Подобро е уште на почетокот да знаете со кој си имате работа, отколку да сфатите после неколку месеци дека целата врската била илузија.

 

To top