Луѓето обично веруваат во тоа што го чувствуваат. Ако тоа што го мислат е спротивно од она што го чувствуваат, предност им даваат на чувствата. Можеби мислиме дека чувствата се поповрзани со вистината отколку разумот, но дали е тоа навистина така?
Кога станува збор за љубовта, се смета срцето е делот од телото кој е задолжен за чувствување. Затоа најверојатно, кога сме заљубени, не го слушаме мозокот, туку срцето. Дали срцето е најдобар познавач на љубовта и дали срцето навистина може да ја препознае вистината?
Сетете се само на луѓето кои секогаш го слушаат своето срце, а пак поминуваат лошо кога станува збор за љубовниот живот. Најтрагичниот дел е што ние не учиме од туѓите грешки – додека не почувствуваме нешто на своја кожа, си велиме дека тоа нема да ни се случи нам, дека нашиот случај е поинаков.
Сте забележале ли дека секогаш, ама баш секогаш ве привлекува одреден тип на машки? Иако можеби физички не личат, во однесувањето се како направени под ист калап. Ако не можете да се изборите со тоа, ниту пак да им дадете шанса на поинакви машки, пробајте да послушате нечиј совет- некоја друга личност поинаку го доживува оној кој ви се допаѓа, можеби многу пообјективно од вас, затоа што не го гледа со ваши очи.
За вљубувањето и начинот на кој го бираме партнерот, влијаат нашите уверувања и убедувања кои некогаш се од погрешни причини. Вљубувањето не се случува случајно и без правила. Вие потсвесно и ја барате особината која ви се допаднала кај некој партнер кај сите свои наредни партнери и колку таа особина кај нив е поизразена, толку тие повеќе ќе ви се допаѓаат.
Затоа, кога анализираме група на луѓе кои некому му се допаѓаат или сите оние во кои таа личност претходно била вљубена, сигурно ќе им најдеме заеднички именител.
Нашето срце е еден вид на компас кој не усмерува токму кон одреден тип на луѓе. но што кога тој компас не усмерува во погрешен правец?
Не велиме дека не треба да го слушаме срцето, но што да правиме ако тоа константно прави погрешни избори, или бира од погрешни причини?
Во таков случај можеби е најдобро да тргнеме од себеси и да ги разгледаме сите причини и последици за се што ни се случува и трезвено да ги отфрлиме сите субјективни причини за правење на одреден избор. Само тогаш е можно усогласување на срцето и разумот и достигнување на емоционална зрелост.
Ах…да беше тоа толку лесно, сите ќе бевме во врски со оној со кој треба да бидеме, а не со оној со кој сакаме да бидеме…
извор:нетпрес.ком.мк