Основниот елемент за одржување на врската е љубовта, но за да биде таа врска здрава, цврста и да ве исполнува и двајцата, треба да работите на неа и на себе.
Некои луѓе во текот на врската се обидуваат да променат некои работи кај партнерот, односно партнерката, за да им биде ним поудобно, но таквиот избор најчесто резултира со поголема оддалеченост, па дури и со резигнираност. Наместо да се обидувате да го смените партнерот (понатаму во текстот зборот „партнер“ ќе се однесува и на „партнерка“), обидете се да го смените својот однос кон саканата личност, ако сакате да изградите цврста и стабилна врска. Секако, ако сметате дека вреди да вложувате во врската.
Откријте што е тоа што прави таа посебна личност да се чувствува сакана и дајте ѝ го токму тоа.
(По)кажувајте му на партнерот дека го цените, секој ден
Сара Калверт, терапевт за двојки од Лондон, вели дека покажувањето дека ја цените една личност е секогаш одлична појдовна точка во градењето на каква било врска и дека тоа може да помогне во комуникацијата при решавањето на потешките проблеми. Многу е лесно да се фокусираме само на тоа што ни недостига (нам или во врската), па затоа Калверт советува секогаш да тргнувате од работите кои ги сакате и ги цените кај другата личност и тоа да го правите секој ден. Откривајте по една работа која ја цените кај саканата личност и споделете ја, искрено и гласно, секој ден.
„Ова може да биде пофалба или благодарност за некоја постапка, карактеристика, одлика или едноставно да дадете комплимент за изгледот на саканата личност. Кога активно сакате да направите некој да се чувствува ценето, другата личност тоа ќе го почувствува и ќе го вреднува“, вели Калверт. Ваквото однесување обично поттикнува слично однесување и од другата страна, што значи дека придобивките ќе бидат двојни. Ако имате деца, тие од вас ќе ја научат оваа одлична кактеристика што ќе им помогне во градењето на врските понатаму во животот.
Не се обидувајте да го смените партнерот
Ова е личноста која сте ја избрале и таа личност е таква каква што е. Не можете да смените некого, посебно не по свој терк. Сите правиме нешто што го иритира другиот. Но, дали навистина мора за сѐ да коментирате или едноставно треба да прифатите дека другиот прави некои работи на одреден начин? Експертите советуваат дека треба да ја почитувате и охрабрувате индивудуалноста на партнерот, и обратно.
Работите кои ги правите како двојка се важни, но треба да имате на ум дека на другиот му се потребни простор и време да биде сам со себе или со други луѓе (колеги, пријатели, семејство) кои не мора да имаат врска со вас. Ако го спречувате партнерот да ги прави работите кои го прават среќен и го исполнуваат, тогаш нема да го имате партнерот кој сте го одбрале.
Не претпоставувајте
Многу е лесно да не кажете нешто што сметате дека е очигледно и да претпоставите дека другиот тоа го знае или го сфаќа. Исто така другиот може погрешно да претпостави дека вие го знаете, односно сфаќате нештото. Ако на пример, партнерот откаже излегување со вас, вие може да се почувствувате измамено или дека другиот не го цени вашето време, внимание и желби, без да размислите зошто дошло до откажување на плановите.
Калверт советува да применувате активно слушање. Можеби партнерот нешто го мачи, а уште не е подготвен да разговара за тоа. Многу често проблемот нема врска со вас, иако последиците се однесуват на вас. Покажете трпение и разбирање пред да претпоставувате и да осудувате, а со тоа да се поставувате вие како оштетената, а другиот како немарната страна.
Подобрете ги вашите комуникациски вештини
Оваа вештина се подобрува пред сѐ со подобрување на вашиот однос со себе и сподобноста да бидете во допир со своите чувства и емоции.
„Ако не знаете што точно чувствувате и сакате, тогаш нема да можете правилно да го искажете. Добрата комуникација помага да се создаде емоционална интимност која води кон посилно чувство на исполнетост, разбирање, доверба и безбедност“, вели Калверт.
Таа исто така советува да внимавате каков тон и речник користите во комуникацијата со партнерот. Многу често луѓето знаат да им кажат на партнерите нешто што звучи грубо, на начин на кој не би се обратиле на никој друг. А кога другиот реагира дефанзивно, многу често не го кажуваат она што го мислат. Калверт советува да си го поставите следното прашање: „Ако го слушате овој разговор како набљудувач, како ќе се чувствувате?“
Откријте што значи да се биде сакан
Луѓето на различни начини покажуваат емоции и ги идентификуваат и примаат. Некои луѓе се чувствуваат сакани кога партнерот тоа им го покажува со дела, од носење чај во кревет до инсталирање на нова антивирусна програма на компјутерот. На некои луѓе им се потребни смирувачки или охрабрувачки зборови, односно да слушнат дека се сакани. За трети, поважен е физичкиот контакт – интимност, секс, држење за рака… Можеби вашиот партнер сака времето поминато со вас да биде квалитетно исполнето, да го има целото ваше внимание, или пак да добива подароци… Сите овие начини се опции и се валидни за секој поединечно.
Ако на саканата личност ѝ е важно да се држите за рака во јавност, а вие само вербално кажувате „те сакам“, без да покажете физички контакт, тогаш таа личност нема да се чувствува сакано. Ако правите сѐ (според вас) да ја покажете љубовта, но не го кажувате тоа вербално, другата личност нема да се чувствува сакано. Откривајте што ѝ значи на другата личност „да се биде сакан“ и пружете ѝ го тоа!
извор: Кајгаан