Мозокот е неверојатен орган. Во него е складиран целиот ваш живот – сите спомени, фантазии, размислувања и идеи. Но, колку што е мозокот специјален и интересен, толку е и мистериозен и научниците до ден денес вложуваат огромен труд за да навлезат во неговите тајни. Сепак, она што сигурно се знае е дека за да се одржи правилното функционирање на мозокот, тој константно треба да биде активен и да учи нови и нови информации.
Постојат многу различни вежби со кои можете да го зачувате и подобрите здравјето на мозокот, а исто така и да го забрзате процесот на учење и помнење.
Ви претставуваме неколку од нив:
- Играјте игри. Набавете си игри кои се создадени да го развиваат вашиот мозок, како судоку, крстозбор или игри за меморија. Тие се добри стимулатори, но само додека не се усовршите во нив. Ако одеднаш ви станат премногу лесни, или одете на наредното потешко ниво или започнете нова игра.
- Научете нешто ново. Започнете да учите нешто кое отсекогаш сте сакале да го знаете, но не сте имале можност да го научите. На пример, да свирите на музички инструмент. Дополнителна мотивација во процесот на учење нека ви биде фактот што тоа ќе ја подобри работата на вашиот мозок.
- Научете да раскажувате приказни, запомнете инспиративни цитати, запомнете текст на нова песна. Раскажувањето приказни го стимулира вашиот мозок на два начина – ќе се обидувате да ги запомните настаните и ќе барате нови начини да ја раскажувате приказната на начин кој ќе ги заинтересира вашите слушатели. Секојдневно принудувајте го мозокот да помни и да учи нови информации. Пронајдете го текстот на омилената нова песна и научете го. Ако сте љубителка на поезија, запомнете неколку стихови од некоја поема, научете нови цитати кажани од големи луѓе и сл.
- Читајте почесто. Кога читате, вие учите нови нешта и го забрзувате создавањето и зацврстувањето на врските меѓу нервните клетки. За да е читањето поголем предизвик за вашиот мозок, внесете промени. Можете да изберете нов жанр на книга кој до сега не ви бил омилен или пак да прочитате текстови на интернет на теми што можеби досега не го задржувале вашето внимание (политика, религија). На тој начин ќе го принудите вашиот мозок да прави нешто невообичано.
- Практикувајте невробик. Невробик вежбите ги користат човечките сетила на нов начин, за да го поттикнуваат мозокот да создава нови асоцијации меѓу различните типови информации.
- Научете нов јазик или секој ден учете нови зборови од вашиот мајчин јазик.Ако имате доволно слободно време, започнете да учите нов јазик. Учењето на нови јазици бара од вас да анализирате и помните нови зборови и нови звуци, а тоа е многу добар стимул за вашиот мозок. Доколку не сакате допрва да учите нов јазик, збогатете го својот активен речник со учење на нови зборови од вашиот мајчин јазик.
- Користете го калкулаторот колку што може поретко. Секогаш кога треба да пресметате нешто, обидете се да го направите на старомоден начин – во главата. Понекогаш тоа изгледа премногу комплицирано, но верувајте се работи за мисловна слабост која може да биде подобрена само преку вежбање.
- Танцување. Учењето на нови чекори е голем предизвик за вашиот мозок. Научете да играте танго, научете ги основните чекори на самба или ча-ча… Доколку не сте љубители на танците, можете да изберете аеробик.
- Јога. Длабокото дишење ќе му донесе на вашиот мозок добра доза кислород, а новите вежби кои треба да ги направите се добар ментален предизвик.
- Подигање тегови. Тренингот со тегови бара голема концентрација. Исто така, тој помага при изградувањето на мускулите и со тоа ја подобрува способноста на срцето да пумпа крв низ целото тело.
- Пешачење. Пешачењето ја зголемува циркулацијата и помага при снабдувањето на мозочните клетки со кислород. Истражувањата покажуваат дека доволно е 15-30 минути пешачење дневно за да се засилат врските меѓу невроните и да се продолжи нивниот животен век.