Новопечените мајки имаат многу одговорности околу бебето, а сѐ помалку време и енергија за сѐ друго, вклучувајќи се и себе.
Без разлика дали вие лично сте поминале низ тоа или не, кога ќе се видите со вашата пријателка или роднина која неодамна се породила, овие теми на разговор не треба да ги спомнувате, посебно не со овие зборови.
„Уште изгледаш како да си бремена“
Сосема нормална работа е телото по породувањето да не се врати веднаш „во нормала“. Затоа не е ваша работа да ѝ кажете на тазе мајката дека иако се породила уште изгледа како да е трудна. Покрај физичките промени, мајките во тој период се соочуваат и со емоционална чувствителност и ранливост, така што коментари за нивниот изглед се навистина невкусни.
„Дали си подготвена да почнеш да вежбаш?“
Ова спаѓа во истата тема како претходната. По породувањето мајите уште се исцрпени, уморни, потечени, ненаспани… на повеќето жени последно нешто што им паѓа на памет е „да се вратат во форма“. Освен ако мајката сама не ја отвори темата, вие одбегнувајте ја „во широк лак“.
„Се надевам дека нема да ја испиеш чашата со вино“
Мајките кои дојат треба да бидат внимателни со внесувањето алкохол, но тоа не значи дека не може да се напијат чаша вино или пиво. Сигурно имате најдобри намери, но премолчете си.
„Уживај во секој момент“
Овој коментар најчесто го даваат жени кои веќе родиле деца. Иако навидум е сосема безопасен, па дури и позитивен коментар, не треба да ја потсетувате тазе породената мајка дека децата брзо растат и треба да бидете тука за секој миг. Одвај успеваат да склопат око и да поспијат, не им додавајте грижа на совест.
„Доиш, така?“
Дали мајката ќе одлучи да го дои бебето да го храни со мајчино млеко од шише или да му дава вештачко млеко, е потполно нејзина одлука. Не заборавајте и дека има мајки кои имаат проблеми со доењето или млекото, така што оваа тема спаѓа во интимни прашања. Секој коментар поврзан со тоа задржете го за себе, во спротивно можете да ја вознемирите жената и да направите да се чувствува како некомпетентна мајка.
извор: кајгана