Запознавањето на партнерот со вашите родители може да биде огромен чекор во врската. Но голема е веројатноста дека ќе бидете загрижени колку партнерот ќе му се допадне на семејството и обратно. Најверојатно вашето семејство ќе го прифати партнерот, но ако тој не го сака семејството може да настане голема напнатост помеѓу вас.
Можеби вашиот партнер има различни политички ставови за разлика од вашито татко, можеби мисли дека вашите роднини кажуваат само негативни работи за него или пак едноставно да нема најдобра комуникација со мајка ви. Без разлика која е причината, добро е да знаете дека има начин да се надмине овој проблем така што ќе ви одговара и на двајцата.
Секогаш кога ќе се почувствувате како да стоите помеѓу партнерот и вашето семејство, нормално е да ви биде непријатно и да мислите дека треба да одберете страна. Лесно е да заземете одбранбен став кога станува збор за оваа тема, па обидете се да не го обвинувате партнерот и кажете му што всушност очекувате од овие семејни собири.
И покрај тоа што на вашиот партнер не му се допаѓа вашето семејство, би требало да направи некаков компромис доколку навистина ви е важно да остане во контакт со нив. Но на овој проблем треба да работите и двајцата. Кажете му на партнерот дека навистина ви значи доколку се согласува со вашето семејство и прашајте го како можете да му помогнете да ја изгради или подобри врската со нив.
Комуникацијата е важен дел од секоја врска, особено кога станува збор за ваков или сличен проблем. Без разлика колку тешко ќе ви биде да го започнете разговорот, најдоброто за вас ќе биде да најдете некаков начин да продолжите натаму што ќе ви одговара и на двајцата. За вашата врска да биде успешна, клучно е отворено да разговарате за тоа како вие и тој се чувствувате за вашето семејство.
Доколку сериозните разговори не се вашата јака страна, нема потреба да се плашите. Има начин да го направите разговорот многу полесен. Можете да започнете со ценење на вашата врска, а потоа постепено да кажете што всушност е проблемот. На овој начин партнерот нема да се чувствува како да сте го нападнале. Доколку навистина го нападнете и го обвините што не го сака вашето семејство, може или да возврати исто, или целосно да го избегне разговорот. Штом смирено ќе го кажете проблемот, останува да најдете решение.
Нормално е дека нема да се согласувате во сè, но бидејќи станува збор за вашата заедничка среќа потребно е да бидете тим. Сè додека ја почитувате причината на партнерот, проблемот може да се реши. Доколку сепак не најдете решение, важно е да знаете дека вашиот партнер нема обврска да го сака вашето семејство, исто како и вие неговото. Секоја личност е различна, па обидете се да му објасните колку всушност ви значи семејството, но прашајте и колку него му значи неговото.
Несогласувањата со семејството не значат крај на вашата врска. Некои парови се вклучени во нивните семејства, некои не, и тоа е сосема нормално. Потребно е да откриете кој е најдобриот пристап за вас. Со добра комуникација може да се реши секој проблем во вашата врска.