Љубов и Секс

Што да направите ако вашиот партнер ве изневерува, а што ако прељубникот во врската сте вие?

Што да направите ако вашиот партнер ве изневерува, а што ако прељубникот во врската сте вие?

Изневерувањето никогаш не се случува изолирано. Тоа секогаш вклучува и мрежа од лаги, тајни и разнишана доверба. Доколку и вие се соочувате со ваков проблем, еве како да излезете на крај со ситуацијата…

Ситуација 1: Вие сте изневерени…
Пред се, вие сте убави, така што со ова изневерувачот многу погрешил. За повеќето парови, неверството се дефинира како интимна активност со некоја трета личност којашто вклучува различни нешта, од флертување до сексуални односи.

Зошто луѓето изневеруваат?
Ова е трик прашање. Освен ако лицето кое изневерува не е сосема искрено во врска со своите причини, тешко е да се разберат неговите постапки.

Некои луѓе не се чувствуваат исполнети во нивните врски, што може да биде симптом на некоја моментална состојба на врската, и нешто на што треба да се работи. Ако сакате да го поправите она што е уништено и да продолжите понатаму, разговорот со вашето момче или девојка во врска со тоа зошто се случило неверството би требало да ви помогне да ги најдете одговорите што ги барате. Се разбира, тоа не значи дека треба да побарате да ви ги каже сите интимни детали, бидејќи тоа ќе ви го отежни процесот на лекување.

Друга причина за неверство може да биде копирањето на туѓ модел на однесување (можеби некој близок на личноста бил неверен во врската, што и нејзе ѝ го променил ставот во врска со неверствата), потоа недостаток на самодоверба или проблем со незрелост или анксиозност.

Што потоа?
Откако ќе дознаете дека некој ве изневерува – или партнерот ви признал или некој друг ви кажал или пак сте го фатиле прељубникот на дело – очекувајте многу гнев. Најдете начин да ги искажете вашите емоции. Тоа може да биде со пишување на хартија, разговор со некој кому му верувате, или – ако се чувствувате доволно храбри – кажете му на лицето кое ве повредило како се чувствувате.

Многу е важно да барате од вашиот партнер да ги прифати вашите чувства. Ако сакате да останете со лицето кое ве изневерило, побарајте да ве осигури дека сака да биде со вас и дека ја цени вашата врска исто колку што и вие.

Почитување
Простувањето може да биде тешко, но во ред е да сакате некого да вратите назад (сѐ додека сте сигурни дека тоа е една минлива работа, а не навика на вашиот партнер, и ако тој навистина се кае за тоа што го сторил). Сè е до почитта – колку подостоинствено се чувствувате во вашата врска, толку повеќе ќе се почитувате себеси. Имајте го ова на ум додека одлучувате дали ќе останете во контакт. Никако не брзајте, па дури и ако сте притиснати да дадете одговор.

Ситуација 2: Вие сте изневериле…

Постојат многу причини зошто луѓето изневеруваат – некои се појасни од други – и зависи од двајцата партнери во врската што е она што го сметаат за неверство. Ако сте вие личноста којашто изневерила, не би било лошо да се вратите чекор назад и да се запрашате зошто сте го направиле тоа. Нормално е да се чувствувате збунето, виновно и засрамено од она што се случило. Исто така нормално е да сакате да избегнете соочување со партнерот и сериозен разговор за проблемот. Изреката: „Она што не го знаеш не може да те повреди“ може да биде вистина, но секогаш е подобро да бидете искрени и да ѝ дадете право на личноста со којашто сте во врска да избере дали сака да биде со вас откако ќе дознае.

Кој е следниот чекор?
Прво, мора да бидете искрени кон себеси – дали сте изневериле затоа што повеќе не сакате да бидете во врска со таа личност (и се плашите да ѝ го кажете тоа во лице) или пак, сте направиле грешка и сакате да ви биде простено?

Ако сакате да останете со личноста којашто сте ја изневериле, кажете ѝ дека сте направиле грешка и дека сакате да работите на вашата врска за да ја направите подобра. Исто така, мора да бидете трпеливи, бидејќи опоравувањето после неверство трае долго. Бидете отворени и покажете ја вашата волја за да ги поправите работите и одново да ја вратите изгубената доверба.

Како да продолжите понатаму?
Ако ова не ви е првпат да изневерувате некого, можеби е време да побарате стручна помош и да се обидете да разберете зашто ви се случува истата грешка. Добивањето на овие важни одговори ќе ви ги подобри вашите идни врски. Секој може да се промени и да стане верен, само прашање е дали тоа го сака.

извор:кафепауза/автор:Антонина Велјановска

To top