Кога станува збор за испуштањето гасови пред љубовниот партнер, некои парови мислат дека тоа не е голема работа. Некои дури и го гледаат тоа како нешто позитивно. Го сметаат тоа за знак дека се вљубени и дека се целосно опуштени еден покрај друг. Но, постојат и парови на кои не им е пријатно ниту да разговараат на оваа тема. Тоа им е одвратно, срамно и го сметаат за доказ дека романтиката е официјално мртва.
Шенон Чавез, психолог и секс терапевтка која работи со парови, вели дека ваквото убедување е поврзано со општествената стигма која постои за испуштањето гасови и другите нормални телесни функции.
„Испуштањето гасови се смета за нешто одвратно, валкано, смрдливо и непривлечно. На децата им се смеат поради ова на училиште и тие се засрамени кога ќе испуштат гас пред некој од спротивниот пол или кој било друг човек. Истото се случува подоцна и во љубовните врски кога луѓето се чувствуваат засрамено од самата помисла на тоа. Сите луѓе го одбегнуваат ова во секоја можна интимна врска, затоа што се срамат“, објаснила терапевтката.
Па, што мислат и некои други брачни експерти на оваа тема?
Кога испуштањето гасови пред партнерот е добар знак?
Испуштањето гасови не е нешто од кое треба да се срамиме и покрај тоа што мислиме така. Луѓето кои имаат здрава врска се нормални човечки суштества кои понекогаш испуштаат гасови. Доколку некому му се случи да прдне, тоа дефинитивно не би требало да ги смени чувствата кај партнерот.
„Тоа е здрав знак дека се чувствувате доволно пријатно еден покрај друг за да испуштите гас. Таквите парови обично имаат одличен сексуален живот, бидејќи се чувствуваат удобно во своја кожа и сигурно уживаат во различни видови стимулации и си играат со помалку ограничувања, стравови и несигурности“, изјавил Гери Браун, психолог.
Вреди да се спомене и дека испуштањето гасови понекогаш може да е симптом на поголем здравствен проблем што тешко може да се контролира, особено кај луѓето кои имаат проблеми со дигестивниот систем, како што е синдромот на нервозни црева, Кронова болест и слично. Освен тоа, многу жени имаат гасови за време на нивната менструација. Најдобро е да се биде отворен во врска со ова, а не да се чувствува срам. На тој начин, луѓето многу полесно ќе се справуваат со промените во нивните тела и нема да кријат работи што би можеле да ги отуѓат од партнерите.
Кога испуштањето гасови пред партнерот е лош знак?
Курт Смит, терапевт кој е советник за мажи, открил дека иако испуштањето гасови пред партнерот може да биде знак за прифаќање и зрелост во врската, во некои случаи може да се сфати како многу себична и некултурна постапка. Замислете си дека вашиот партнер постојано испушта гасови пред вас, а вие се чувствувате многу непријатно поради тоа, дури и го сметате за нешто одвратно. Ако вашиот партнер не се обиде да ги испочитува вашите желби, тоа може да биде лош знак.
„Ако вашиот партнер не се труди да го контролира тоа, да се оддалечи од вас или да се извини, тогаш тоа е пример за крајно непочитување што сигурно се забележува и во други аспекти од врската“, открил Смит.
Како да ја решите дилемата во врска со оваа тема?
Ако гасовите на вашите сакани не се резултат на некаков здравствен проблем и прават да се чувствувате непријатно, тогаш дефинитивно треба да им го кажете тоа. Само обидете се да не ги осудувате и засрамите.
„Најдобро е внимателно да ја почнете темата, без никакви осуди и слободно кажете дека испуштањето гасови има негативно влијание на вашите сетила. Можете да ги замолите да го прават тоа во друга соба и да користат освежувач за воздух. Тоа е сосема разумно барање. Ако се согласат, одлично. Но, доколку знаат дека ви пречи и продолжат да го прават истото, тогаш се многу бесчувствителни и најверојатно имаат и други проблеми“, објаснуваат психолозите.
Можете да започнете и отворен разговор за испуштањето гасови, колку да видите што мисли вашиот партнер на оваа тема или да го прашате како неговото семејство го третирало ова прашање. Можеби ќе ви биде непријатно да го спомнете ова, но запомнете дека испуштањето гасови не е нешто што би требало да се чува во тајност.
На овој начин може да отворите дискусија за тоа колку се важни телесните функции кои честопати се сметаат за „срамни“, како што се лачењето течности за време на секс, менструација и вршењето нужда. Сите овие работи се сосема човечки и не би требало да се срамиме поради нив. Ако партнерите разговараат на оваа тема, ќе можат да постават здрава основа за отворена и искрена комуникација.