За бебињата, спиењето е неопходно за растење, за децата и адолесцентите е важно за мозокот, физичкиот и емоционалниот развој.
Сите педијатри нагласуваат дека сонот е пресуден за здравјето на децата.
Доколку спијат помалку или имаат некакво нарушување, тоа ќе влијае на нивниот развој и ќе има сериозни здравствени последици, па затоа е многу важно да се погрижите да имаат доволно часови спиење.
Ако се прашувате колку сон му треба на вашето дете и кое е најдоброто време за спиење, одговорот е едноставен, се зависи од нивната возраст.
Еве ги препораките на педијатрите:
0-3 месеци: 14 до 17 часа сон
4-11 месеци: 12 до 16 часа сон
1-2 години: 11 до 14 часа сон
3-5 години: 10 до 13 часа сон
6-13 години: 9 до 11 часа сон
Препорачаното време вклучува дневен и ноќен сон. Важно е да знаете дека ова се само препорачани упатства, има деца кои сакаат повеќе да спијат и оние кои спијат помалку часови. Во секој случај, ќе забележите дали вашето дете доволно спие според тоа како функционира во текот на денот.
Како да го изберете вистинското време за спиење?
Сега кога знаете колку сон му се препорачува на вашето дете според неговата возраст, можете лесно да пресметате кога е вистинското време за него да легне. Најдобар начин е да броите наназад:
1. Проценете го времето кога детето треба да стане (6:30, 7:00 или 7:30)
2. Бројте наназад користејќи ја препорачаната количина на сон што му треба на вашето дете.
На пример, ако вашето седумгодишно дете треба да стане во 6:30 наутро за на училиште, а му требаат десет часа сон, тогаш најдобро е да легне во 20:30 навечер.
Само внимавајте, ова не важи за новородените бебиња кои сè уште немаат воспоставено ритам на спиење.
Можеби е тешко да го натерате постарото дете да легне порано, но со постепено поместување на времето за спиење, сигурно ќе успеете. Важно е само да ги започнете подготовките на време и погрижете се да ги исклучите сите екрани два часа пред спиење.
Колку се помали децата, толку полесно се развиваат здрави навики пред спиење, бидејќи правилниот сон е првенствено важен за растот, силниот имунитет и однесувањето. Повеќето експерти се согласуваат дека ако навреме воспоставите ритам и рутина, детето брзо ќе го усвои. Во моментот кога ќе попуштите или ќе му дозволите да легне во различно време секој ден, тоа ќе предизвика сериозни нарушувања на спиењето кои ќе влијаат на неговото здравје.
Извор: Курир.мк