Љубов и Секс

Предупредувачки знаци дека сте во врска со партнер кој може да стане насилен

Предупредувачки знаци дека сте во врска со партнер кој може да стане насилен

Ако навреме ги забележите знаците ќе можете да ја процените ситуацијата и да излезете од врската што ќе биде штетна за вас.

Зошто жените остануваат со мажи кои се насилни е едно од најчесто поставуваните прашања, но нема само еден одговор, туку повеќе, и сите се сложени. Останувањето во насилна врска најчесто е резултат на повеќе фактори што довеле до таа ситуација.

Затоа, подобро е да се постави прашањето „Како да препознаете дека партнерот со кој сте во врска би можело да стане насилен?“ и на тој начин да се спречи стигнувањето до најстрашната фаза – насилство и заминување од насилната врска.

Ова се раните знаци што укажуваат на потенцијално насилен партнер:

Претерана потреба за контрола

На почетокот тоа може да се доживува како љубов, но претераната потреба за контрола врз вашиот живот за кратко време станува јасен проблем, ако сме подготвени да се соочиме со него. Мажот кој постојано бара да „рапортирате“ каде сте, со кого и кога сте се вратиле дома, а наедно има потреба да ви забранува да правите одредени работи или да се гледате со одредени луѓе (дури и членови на семејството) не е заљубен маж, тој е контрол фрик кој не може да поднесе вие да имате контрола врз својот живот.

Постојано омаловажување

Може да почне како симпатично „задевање“, но ако со тек на време се претвори во редовно и сериозно набројување и нагласување на вашите недостатоци, јавно или приватно, си имате работа со човек кој психички ве малтретира и со тоа ви ја поткопува самодовербата. Откако ќе ве „скрши“ психички, најчесто следи физичкото насилство.

Екстремна љубомора

Љубомората може да биде симпатична и слатка, но и прв знак за сериозен проблем. Ако „фраерот“ е љубоморен на луѓето со кои се гледаш и начинот на кој се облекуваш, станува посесивен и те ограничува, нештата може да се влошат брзо ако одбиеш да играш по неговите правила.

Изолирање

Класичен начин на кој злоставувачите ја „обработуваат“ својата жртва – ќе ве убеди дека вие сте проблемот, дека сите околу се поинакви од тоа како ги доживувате и дека треба да се засрамите од своето однесување. Сите претходни точки водат кон ова – целосно изолирање од вашиот живот, семејството, кругот на пријатели, кршење на самодовербата и создавање на чувство дека не можете да живеете без него.

Поставување услови

Правењето компромиси е знак на здрава врска, но воопшто не е добро ако компромисот е сведен на тоа само вие да ја прифаќате желбата на партнерот, без да се грижите за своите потреби, додека тој никогаш не отстапува од неговите ставови. Човекот кој ги поставува сите услови во врската не е партнер, туку деспот.

извор: кајгана

To top