Пејачката и актерка Џејн Биркин почина на 76-годишна возраст, јавуваат француските медиуми.
Англиско-француската ѕвезда важеше за стилска икона во доцните 1960-ти и 1970-ти, а позната беше и по својата професионална и лична врска со музичарот Серж Генсбург.
Таа е родена во Лондон, но се прослави со пеење на француски јазик, каде се преселила во 1970-тите.
Француските медиуми јавија дека била пронајдена мртва во нејзиниот дом во Париз.
Нејзината лична и уметничка врска со Гејнсбург, кој почина во 1991 година, ја направи позната низ светот по нивниот меѓународен хит „Je t’aime… moi non plus“. Дуетот е снимен во 1968 година, неколку месеци откако се запознале на снимањето на филмот „Slogan“.
Биркин и Гејнсбур биле заедно 12 години, но останале пријатели по нивното разделување. Гејнсбур бил 18 години постар од Биркин и продолжил да пишува песни за неа години по нивната разделба. Тие имале и ќерка, Шарлот Гејнсбур, која е наградувана актерка и пејачка.
Двојката се раздели во 1981 години, а Џејн своевремено ја опиша нивната врска „на моменти насилна“. Биркин ја продолжи својата актерска и пејачка кариера, објавувајќи албуми меѓу кои „Baby Alone in Babylone“ во 1983 година и „Amour des Feintes“ во 1990 година.
Актерските заслуги на Биркин вклучуваат филмови како што се класичните „Blow Up“ од 1966 година, „Death on the Nile “ (1978) и „Evil Under the Sun“ (1982).
Во 2002 година, таа го издаде албумот кој го напиша самостојно, наречен „Arabesque“ и колекција на снимки во живо во 2009 година под наслов „Jane at the Palace“.
Во периодот на најголемата слава, во 70-те години, беше светска модна икона, поради што луксузниот бренд „Хермес“ по неа ја нарече – денес најпознатата чанта – „Хермес Биркин“.
Мена Ролингс, британската амбасадорка во Франција, и оддаде почит на Твитер, опишувајќи ја како „најголемата Французинка меѓу британските уметници“.
Француската министерка за култура Розелин Башело изјави за француската ТВ станица „БФМ“: „Ова заминување е толку тажно. Таа беше прекрасна личност“.
Фото: Принтскрин/Профимедиа/Јутјуб