Проблемите во врската/бракот се неизбежни и сосема нормални, исто и кавгите што се јавуваат поради тие проблеми.
Затоа не треба да се плашите од гласни и енергични расправии со вашиот партнер, бидејќи не мора да биде знак дека нешто не е во ред со вашата љубовна врска. Напротив, кавгите понекогаш се корисни и знак за здрава врска.
Ако никогаш не кажете јасно и гласно дека не се согласувате за нешто, гневот и незадоволството се потиснуваат и подоцна се манифестираат во форма на одмаздољубиво однесување што може да ја ослаби врската, предупредува Сузан Хајтлер, брачна советничка од Денвер. Без оглед на конфликтот, партнерите треба да знаат како да ги изразат своите грижи и желби и да смислат разумен план пред да почнат да спијат во одделни кревети.
Проверете за кои теми понекогаш вреди да се расправате во врската или бракот.
За трошење пари
Дури и најхармоничните парови влегуваат во дискусија за тоа како ќе ги потрошат своите тешко заработени пари. Овој проблем е често подлабок од самиот факт дали можете да си дозволите нешто или не. Честопати станува збор за кавга за различен систем на вредности, објаснува Хајтлер. Следниот пат кога вашиот партнер сака да купи нешто, а вие не се согласувате (или обратно), видете дали лицето кое се противи на купувањето треба да се откаже од нешто за да може партнерот да ја купи посакуваната работа.
Ако да, испланирајте го вашиот буџет за да видите што е изводливо. Ако можете да си го дозволите тоа подновување, но вие или вашиот партнер сè уште се спротивставувате на тоа, време е за подлабок разговор. Можеби некој од вас смета дека купувањето одредени предмети е непотребно трошење пари. Зборувајќи за тоа, можете да добиете одредена перспектива и да сфатите како понатаму.
За секс
Двојка која нема секс е ранлива двојка и кога има голема асиметрија во вашите желби, тоа е голем проблем, вели Хајтлер. Проблемот нема да исчезне ако го игнорирате. Треба да седнете и да се согласите колку често ви треба да водите љубов. Секако, водењето љубов не е математика, така што не можете да ја одредите точната бројка, но можете да работите на зачестување на сексуалните средби. Игнорирањето на овој проблем може да доведе до тоа еден од партнерите да направи прељуба.
За расправањето
Ако едната личност израснала во семејство каде вообичаената шема на однесување била да го истури гневот и да заборави, а другата во семејство каде што по секоја цена се одбегнувало разговарање на висок тон, тензиите ќе бидат неизбежни, објаснува Хајтлер и ги советува паровите да зборуваат за тоа кога и двајцата се смирени.
„Обидете се да откриете зошто сте толку лути и најдете начин да ги искажете тие чувства без голема експлозија. Бесот е знак дека мора да застанете и ако го почувствувате тоа, направете пауза“, вели Хајтлер.
За улогата на родителите во вашиот заеднички живот
Дали вашиот партнер полудува кога мајка ви се јавува за време на ручекот секоја недела? Дали ве исфрла од рамнотежа кога неговите родители ќе се најават само ден претходно дека ќе дојдат на гости утре и дека планираат да останат три недели? Време е да поставите некои граници. Можеби немате исти идеи за тоа што е правилно и што не е во ред, но треба да разговарате за тоа и да ги почитувате ставовите на вашиот партнер. Клучот е никогаш да не се критикувате едни со други или семејството на вашиот партнер, истакнува Хајтлер.
За домашните обврски
„Еден од разговорите што секој пар мора да го има е како ќе ги поделите домашните обврски, како што се ставање алишта во машина, миење садови и шетање на кучето. Двојка дојде кај мене страшно расправајќи се за валканите садови. Тој постојано велеше дека ќе измие, а садовите само се натрупуваа во мијалникот. Тоа ја полудуваше неговата сопруга“, вели Хајтлер.
Зборувајте за тоа кој кога ќе ги извршува домашните обврски и држете се до распоредот за да ги задржите среќата и мирот во врската.
Извор: Курир