Дел од најголемите српски естрадни ѕвезди имаа закажан концерт за сабота навечер во Швајцарија, но поради лажна дојава за бомба, се’ не се одвиваше според планираното. На спектакуларниот концерт организиран во градот Дитикон требаше да настапат: Александра Пријовиќ, Дарко Лазиќ, Светлана Цеца Ражнатовиќ, како и раперите Стефан Ѓуриќ Раста, Игор Паниќ Нучи и Михајло Веруовиќ Војаж. Со оглед на списокот на изведувачи најавен за сабота навечер, дискотеката во швајцарскиот град во близина на Цирих беше преполна со толпа народ која со нетрпение ги очекуваше популарните српски ѕвезди да излезат на сцената.
Концертот го отвориле раперите кои ја подгреале атмосферата и ги кренале на нозе насобраните гости. Веднаш по Војаж, Раста и Нучи, на сцената требало да излезе Дарко Лазиќ, но околу 23 часот клубот бил експресно испразнет од полицијата поради дојава за бомба.
„Само 15 минути откако полицијата влезе во просториите, салата беше испразнета, а екипите за евакуација и деактивирање на бомбите влегоа во објектот. Пред големата сала имаше неколку стотици луѓе, кои трпеливо чекаа надлежните да си ја завршат работата па ако е можно да се вратат и да продолжат да уживаат во настапот за кој купиле билети“ – велат очевидци.
Голем број возила за итна помош биле снимени и на видеата кои кружат на социјалните мрежи. Сепак, она што на многумина им падна во очи е глетката пред салата кога евакуираните посетители се држеле за раце и танцувале додека во нивна близина се вршел претрес на салата, пишува српски Курир.
Откако било утврдено дека се работи за лажна тревога, сите гости се вратиле во клубот, а изведувачите излегле на сцената. На големо разочарување на публиката, но и негодување на пејачите, тие не успеале да го испеат целиот блок свои песни, како што било планирано, и биле принудени да го скратат својот настап.