Љубовта како да не е доволно сложена сама по себе кога животот сервира романтични предизвици од типот врска на далечина.
Поради факултетското образование или работата, многумина се соочиле токму со оваа љубовна препрека. Неоспорен факт е дека е многу тешко да го немате саканиот до себе кога најмногу ви е потребен и дека долгите онлајн разговори не се замена за неговото физичко присуство.
Но, иако не се малку лицата кои ќе кажат дека врската на далечина е невозможна мисија, има парови кои докажале дека љубовта е посилна од сè, само потребно е да покажете доза зрелост и да сфатите што навистина претставува зборот компромис.
Најхрабрите и најупорните обично излегуваат победници од овој животен предизвик, со насмевка на лице и саканиот в прегратка.
Општеството и медиумите денес сакаат да покажат дека во модерното време во кое егзистираме, сексот е лепакот кој ја спојува врската и ретко која може да успее доколку сексуалниот живот е непостоечки, редок или е со незавиден квалитет.
Поголема емотивна поврзаност
Успешните врски на далечина обично го докажуваат спротивното. Можеби не изобилуваат со квантитативен секс поради физичката раздвоеност, но токму тоа им овозможува на партнерите да го подобрат квалитетот на емотивната поврзаност.
Неверојатно е колку обичните и навидум бесмислени разговори во виртуелниот свет може да ги приближат партнерите еден кон друг. Длабоката емотивна конекција која ќе ја воспоставите е бесценета.
Драгоцени заеднички мигови
Партнерите кои се гледаат често „се земаат здраво за готово“. Малите гестови кои едниот ги прави за другиот понекогаш поминуваат незабележано, затоа што делуваат вообичаено, што е секако вистинска штета.
Оние кои одржуваат врска на далечина умеат да ги ценат заедничките мигови многу повеќе, веројатно затоа што се поретки. Кога конечно ќе се сретнат по подолг временски период, вниманието кое си го посветуваат е многу поголемо.
Страсни интимни средби
Никој не може да негира дека интимните средби се пострасни кога партнерите поминале подолго време разделени. Континуираниот копнеж за физичка блискост го зголемува сексуалниот апетит.
Физички разделените партнери почесто фантазираат и сонуваат еден за друг и со тоа ги прават ретките средби поспецијални.
Изградена доверба
Доколку навистина успеете во предизвикот наречен врска на далечина, тоа е без сомнеж едно драгоцено животно искуство полно со лекции. Реалноста е дека не секој може да помине низ вакви љубовни тортури, без да попушти под притисокот.
Партнерите кои градат успешна врска додека се оддалечени со километри успеваат да образуваат цврст љубовен сојуз базиран на меѓусебна доверба, која е незаменливо делче од љубовната сложувалка. Без доверба, врските на далечина се осудени на пропаст.
Љубовта е ставена на тест
Денешната технологија е напредна, па благодарение на електронската пошта, Skype и веб камерите, комуникацијата е прилично олеснета од времето кога со недели се чекале да пристигнат љубовните писма. Сепак, бакнежот преку Skype не може да го замени допирот и физичката близина, а онлајн комуникацијата не ви дава можност да го прегрнете партнерот во кое било време или да се исплачете на неговото рамо.
Врската на далечина ја става љубовта на тест и може да излезете со висока оценка доколку успешно ги поминете сите пречки. Избришете ги љубомората и недовербата од вашиот љубовен речник. Научете како рационално да им пристапувате на проблемите и смирено да ги решавате со партнерот. Не заборавајте дека се потребни многу волја и трпеливост за врската да успее.
Доволен простор за индивидуален развој
Многу парови милуваат да кажат дека „израснале заедно“. Близината помеѓу партнерите, емотивна и географска, си го чини своето. Едноставно се зближувате со партнерот повеќе од вообичаено и неретко се синхронизирате во размислувањата, вкусовите и идеите. Понекогаш дури изгледа дека едниот го дефинира другиот и обратно.
Врската на далечина го одзема факторот живеалишта во непосредна близина и овозможува повеќе време за себе и доволно простор за индивидуален развој. Се смета дека партнерите кои одржуваат врска на далечина се многу посамостојни и понезависни еден од друг.
Сериозно фокусирање на кариерата
Многу од паровите денес се жалат дека врската и партнерот им одземаат премногу време и не можат доволно да им се посветат на работните обврски и кариерата, што во многу случаи послужило како одличен мотив за раскинување на љубовната врска.
Кога станува збор за врска на далечина, секој има доволно време за навремено извршување на своите работни задолженија. Бидејќи не се соочувате со секојдневно гледање со партнерот или други друштвени обврски, како заедничко излегување со пријателите, слободното време можете да го искористите за совршена подготовка на испитите или за да поработите на вашето унапредување на работното место.
фото: pexels