“Она што на почетокот те привлекува, на крајот може да те скрши” – оваа позната изрека се однесува на многу љубовни парови кои ја започнале емотивно својата врска, но прекинувањето било ненадејно и болно.
Што придонесува за разладување на односот во една среќна врска?
Многу психолози истакнуваат дека љубовниот живот во голема мера зависи од нашите односи, всадените вредности и раните на душата од детството. Многу луѓе се заљубуваат во потенцијални партнери бидејќи во себе чувствуваат дека тие можат да им ги излекуваат раните од минатото.
Кога родителите имаат ладен емотивен пристап, се строги или често емотивно недостапни, можно е лицето со такви односи во семејството потсвесно да бира партнери кои имаат слични карактерни црти.
Зошто се случува тоа?
Кога некој однос го гледаме како нецелосен, недостижен и нестабилен, особено односот со родителите во детството, психолозите истакнуваат дека ќе сакаме да ги поправиме нештата во разните односи во зрелото доба, особено во односот со партнерот.
Ваквите личности најчесто остваруваат врска со емоционално недостапен партнер. Го идеализираат партнерот, постојано го поддржуваат, се грижат за него, се обидуваат да ја излечат секоја негова рана… Но, штом играта на емоција и грижливост ќе исчезне, партнерот полека се повлекува, станува критичен, сака повеќе слобода…
Тогаш личноста со рани на душата станува вознемирена, повторно чувствува дека го губи тлото под нозе, дека ја губи љубовта, раните се “побогати” за уште едно болно искуство и повторно се преживува траума. Кога во текот на растењето имаме негативен однос со родителите, не сме во состојба да препознаеме нечии намери и емоционална состојба.
На пример, ако таткото бил честопати емотивно недостапен, постои ризик таквите луѓе да ги привлекуваат партнери кои имаат сличен начин на однесување – често “пловат” помеѓу отфрлањето и идеализацијата во романтичните односи.
извор:точка.ком.мк