Време е за отворен разговор на оваа тема! Пред празникот на љубовта зборуваме за бакнежите.
Бакнувањето е романтичен завршеток на многу приказни што ги раскажуваме, на многу филмови што ги гледаме. Тоа е страстен момент во кој двајца ја реализираат својата љубов преку акција предводена од романса. Сонуваме за нашиот прв бакнеж и се плашиме од последниот, а кога сметаме дека е лош брзо го забораваме.
Зошто постои потреба да ги доближиме усните за да искажеме љубов? Дали бакнувањето е нешто што човекот го учи, или е инстинкт? И дали тоа го прават сите луѓе ширум светот?
Кога ги допираме усните во знак на љубов, страст, почит или поздравување, ние спроведуваме ритуал за поврзување, полн со историја. Возбудата, допирањето по лицето и поинаквото однесување е вообичаено и кај цицачите, но луѓето се единствениот вид што намерно ги допира усните – со исклучок на нашите најблиски роднини (шимпанзата), кои тоа го прават од други причини. Кај нив бакнувањето е знак на помирување.
Исражувачите на оваа тема, велат дека сè уште се дебатира за причините зошто луѓето се бакнуваат и покрај тоа што чинот на бакнување се истражува веќе неколку децении. Тие велат дека можеби станува збор за вроден, потсвесен потег кодиран во нашите гени.
Според Шерил Киршенбаум, авторка на книгата „Наука за бакнувањето“, прекрасен пример за бакнежот како облик на однесување е неговото одржување низ вековите. Се чини дека луѓето го имаат инстинктивен нагон да се поврзат со некого, но исто така, големо влијание има и нашата култура и лични искуства.
Луѓето се бакнуваат со различна цел и со различни партнери од различни причини. Всушност, постои поделеност во однесувањето при романтично – сексуално бакнување кај модерните луѓе: според студија од 2015 година, помалку од половина од 168 култури опфатени во истражувањето ја користат оваа форма за задоволување на романтично-сексусалните нагони. Сексуалниот стил на бакнување за кој можеби ние мислиме дека е вообичаен, може да се смета за брутелен на друго место, бидејќи тие култури можеби не се бакнуваат заради сексуално задоволство.
Истражувањата за физичката поврзаност и реакциите при бакнувањето откриле дека користењето на мускулите на устата ослободува окситоцин, што доведува до претпоставка дека потребата од бакнување ни е вродена. Исто така, човечките усни се преполни со нервни завршетоци и тоа ги прави барем 100-200 пати почувствителни од прстите.
Бакнувањето, особено со користење на јазик, доведува до подобрување на имунолошкиот систем бидејќи вклучува буквално разменување на плунка, со тоа и бактерии, со што се зголемува способноста за толеранција на лошите патогени. Според истражувачите, возбудата го намалува чувството на гадење, што е неопходно во чинот што нè става во опасност од заразување со бактерии од друго лице. Кога се разменуваат бакнежи, се зголемува и нивото на лачење на плунка, како и нивото на лачење на тестостерон. Исто така, се зголемува и нивото на ендорфин и допамин во централниот нервен систем.