Љубов и Секс

Луѓето во врска кои велат „ние“ се посреќни и науката го потврдува тоа

Луѓето во врска кои велат „ние“ се посреќни и науката го потврдува тоа

Сигурно знаете барем една двојка во која партнерите се чини дека се споени како Сијамски близнаци и кога зборуваат велат „ние“ наместо „јас“ бидејќи речиси сѐ прават заедно.

„Ние многу сакаме да возиме точаци за викенд“, „Ние не гледаме хорор филмови“… ние вака, ние онака, ние… Можеби сте и вие во таква врска. Можеби таквите луѓе ве нервираат, но науката се покажа дека е на нивна страна кога станува збор за среќна врска.

Меган Робинс, доктор на науки од Универзитетот на Калифорнија, направи мета-анализа на 30 студии во кои биле вклучени вкупно 5.300 двојки и откри дека зборувањето во множина укажува на взаемно зависна врска меѓу партнерите што е полезно за врската, наспроти себичниот менталитет фокусиран на себе.

Робинс и нејзиниот тим ги анализирале двојките следејќи пет аспекти: резултати од врската (траење и степен на задоволност), однесување во врската (позитивно и негативно), психичко здравје, физичко здравје и грижа за себе.

„Поволна страна на тоа што анализиравме толку многу различни двојки е што утврдивме дека зборувањето во множина не се одразува позитивно само на врската, туку и на секој од партнерите посебно“, вели Александер Каран, еден од истражувачите во тимот на Робинс.

Резултатите покажале дека и мажите и жените подеднакво добиваат поволности од тоа што се изразуваат во множина, а помладите и постарите генерации подеднакво сакаат да користат „ние“ наместо „јас“.

Користењето на заменката „ние“ исто така повеќе помага во решавањето конфликти, а кога партнерот го користи во дискусија, другиот се чувствува подобро во врска со себе и со нивниот однос.

Робинс укажува дека по анализата дошла со неизбежното прашање од типот „Јајцето или кокошката?“, односно – дали среќните двојки едноставно многу велат „ние“ или со користењето на заменката „ние“ двојките стануваат посреќни?

Одговорот е  – и двете. Кога слушаме како партнерот го користи изразот „ние“ се чувствуваме повеќе взаемно зависни, што може да доведе до поздрав однос, вели таа.

Извор: кајгана