Моментот кога ќе дознаете дека во вашата утроба се раѓа нов живот е бесценет и исполнет со вртоглаво задоволство, но тој станува уште попрекрасен кога е споделен со саканиот. Кога ќе го здогледате позитивниот тест за бременост, сигурно ќе ви доаѓа на цел глас да викнете „Бремена сум“, но и самите знаете дека имате само една шанса за да ја соопштите веста која ќе стави неповторлива насмевка на лицето на идниот татко. Па, зарем не сакате да го направите тој момент перфектен и незаборавен?
Можеби некој од следниве креативни предлози ќе ви помогне да го врежете тој среќен момент засекогаш во вашите сеќавања.
- Оброк за тројца. Поканете го саканиот на романтична вечера во ресторан. Кога ќе дојде келнерот, за вас порачајте две порции од омиленото јадење. Уживајте во изразот на неговото лице кога ќе му кажете дека од денес започнувате да „јадете за двајца“. Истото изненадување можете да му го приредите и во домашна атмосфера.
- Зрно грашок. Речете му на саканиот да ја отвори дланката и во неа ставете едно зрно грашок. Не трепкајте за да видите колку различни емоции ќе покаже неговото лице кога ќе му речете: „Толкаво е во моментов нашето бебе“.
- Искористете ја првата снимка од ултразвукот. Ако веќе го направивте првиот преглед, искористете ја снимката која ја добивте за да го изненадите саканиот. Ставете ја во рамка за фотографија и завиткајте ја во украсна хартија. Сигурно тоа ќе биде најубавиот подарок кој вашиот сакан некогаш го има добиено.
- Машко или женско? Купете едно розово и едно сино боди за новороденче. Кога ќе бидете сами со саканиот, неочекувано станете и донесете ги двете. Во почетокот малку ќе се збуни, но прашалниците во неговата глава ќе исчезнат кога ќе го прашате „Што мислиш, која боја ќе ни биде потребна?“ Очекувајте силна прегратка и многу бакнежи.
- Предложете му татковство. Пресоздајте го моментот кога сопругот ви предложил брак. Во кутија за накит ставете го позитивниот тест за бременост и одете на местото на кое сопругот ви предложил брак или на место кои ви буди убави спомени. Подајте му ја кутијата и прашајте го „Дали ти… (името на сопругот)… ќе бидеш татко на моето дете?“ Се разбира дека ќе биде, но ќе биде и пресреќен. Откако ќе го отвори подарокот, кажете му дека имате уште еден подарок, но дека тој ќе го добие девет месеци подоцна.
- Подарете му слатко задоволство. Направете колач и на него напишете „Бремена сум“. Ставете го во рерната и натерајте го вашиот сакан да провери дали е готов штом ќе заѕвони тајмерот. Сигурно веста која ќе ја прочита ќе го израдува многу повеќе од примамливиот мирис на колачот.
- Ослободете простор за идниот член на семејството. Испразнете една од фиоките на вашиот партнер, на пример онаа со долна облека или чорапи и наполнете ја со пелени и облека за вашето идно бебе. Одгоре оставете порака: „Тато, направи место. Се вселувам за Х месеци“.
- Натпис на стомакот. На вашиот стомак напишете со пенкало: „Здраво тато, со нетрпение чекам да те запознам на (терминот за породување)“. Кажете му на саканиот дека имате некаква иритација на кожата и побарајте од него да провери за што се работи. Очекувајте бесценета реакција кога ќе ѕирне под маицата.
- Список со имиња. Направете еден список со машки и еден со женски имиња. Оставете ги на место на кое вашиот сопруг сигурно ќе ги пронајде. До нив оставете белешка на која ќе пишува „Имаме девет месеци за да одлучиме“.
- Утринско будење. Наутро, пред вашиот сакан да оди на работа, влезете во тоалетот и напишете со кармин или маркер на горниот дел од огледалото „Лицето на идниот татко“ и нацртајте стрелка надолу. Тој ќе добие незаборавно утринско будење